Славниот мјузикл-филмски неуспех: „Мачки“ со шест „Златни малини“

185

Апсолутен победник на „Златна малина“ со дури шест признанија е филмот „Мачки“, снимен според познатиот театарски мјузикл. Тој се закити со оваа најнепосакувана награда во категориите најлош филм, најлоша споредна машка улога (Џејмс Корден), најлоша споредна женска улога (Ребел Вилсон), како и најлошо сценарио (Ли Хал) и режија ( Том Хупер). „Мачки“ (Cats) е филмска адаптација на познатиот мјузикл од 1981 чиј композитор е Ендрју Лојд Вебер, а според делото од Т. С. Елиот. Мјузиклот ја раскажува приказната за племето мачки наречено Jellicles, кои се среќаваат на годишниот бал (Jellicle Ball) за да одлучат која од нив ќе се искачи на Heaviside Layer (нивната верзија на Рајот) и ќе се прероди во нов живот.

Што се однесува до другите награди „Рамбо: Последната крв“ ја освои „Златната малина“ за најлош римејк или продолжение, а Џон Траволта е награден за две најлоши улоги – во „Фантастичната“ (The Fantastic) и „Трговската боја“ (Trading paint).

Наградата за најлоша главна женска улога ја доби актерката Хилари Даф за „Прогонувањето на Шарин Тејт“ (The haunting of Sharin Tate), додека наградата за искупување, како почит на актерот кој одиграл добра улога по серија лоши, отиде во рацете на Еди Марфи за филмот „Моето име е Долемит“.

Најлошото, најнемилосрдно непочитување на човечкиот живот и јавната сопственост е оценето дека се рефлектира во филмот „Рамбо: Последната крв“.

Добитниците на „Златната малина“ се објавени преку каналот на Јутјуб, бидејќи церемонијата во Лос Анџелес се откажа поради епидемијата од корона вирусот.