„Млад и бескрајно талентиран глумец, кој студира на ФДУ и работи како шанкер во ‘Балет’. Дечко на кој паѓаа сите женски во град, а и на театарската сцена. Дечко кој со сите сетила го живееше театарот и со верба се бореше за неговите вредности. Од Факултет излезе со имиџ на предан и бескомпромисен актер кој блеска со својот талент. Се сеќавам на еден тон разговори до раните утрински часови во кои сме се обидувале да најдеме решение за некоја сцена, да создадеме некој лик, да направиме нешто коешто ќе ни го разбуди адреналинот. Неговата позитивна мисла и подготвеност да те бодри кога претставата тоне и кога пробата не е добра, таа негова безрезервна поддршка секогаш максимално сум ја ценела и чувствувала“, напиша режисерката Нела Витошевиќ во својата порака која беше прочитана на денешната комеморација во Македонскиот народен театар, по повод прераната смрт на актерот Славиша Кајевски, кој почина завчера, на само 39 години.
Со Кајевски таа соработувала во повеќе претстави.
“Во овој миг се прашувам дали и јас му пружив истата таа поддршка кога нему му беше потребна. Ова прашање мислам дека уште долго нема да можам да го одговорам. Денеска не можам да присустувам не неговата комеморација и најмалку што можам да направам, со овие неколку зборови во кои верувам дека се препознава неговата човечка убавина, неговата чесност и предаденост, како и на нашите театарски подвизи секогаш ќе се навратам со огромна радост. Ми се чини дека најмногу од сè ќе се сеќавам на неговата широка насмевка и силната мечта да го освојува светот во име на театарот. Светкај од горе пак мој Славиша, а ние ќе играме на сцена за тебе. Ќе фалиш бескрајно многу, те гушкам силно“, напиша Витошевиќ, а нејзината порака ја прочита актерката Драгана Костадиновска, која истакна: „Славиша замина и нè остави со размислите за она што уште можеше да направи во животот, на театарската сцена и филмското платно. Цаци, ти секогаш ќе бидеш дел од нашите срца. Нема да си дел од некое минато време, туку дел од нас“.
Во атмосфера полна со емоции и насолзени очи актерите и колегите се простија од нивниот другар со кој ја делеле сцената и кој „постојано зборувал за театарот“…
„Го видов седнат на скала и веднаш знаев по изразот на лицето, на очите, дека тој човек ќе биде дел од театарскиот живот. И сам се нарекуваше себеси: ‘Брат, јас сум филмски глумец’. Потоа патот го трасиравме заедно, влеговме во МНТ како славната тројка: Славиша, Гораст и Сашко… Меѓу себе се нарекувавме Света Тројца“, се потсети Сашко Коцев. Зборувајќи за својот колега со кој и приватно се дружел, тој додаде:
“Го гледам животот пред мене и замислував како ќе остареме заедно, ќе седиме тројца задрти старци и уште ќе се расправаме за истите работи. Театарот загуби еден многу голем рефлектор, кој светеше силно, светеше непрекинато. Светеше зад сцена, светеше за сите синдикални прашања. Многу храбар, многу силен во својата светлина, толку избувлив, а толку кроток и ранлив. Многу го сакаше театарот. За никого ништо не премолче, но за себе премолче многу работи“.
Инаку, актерот на сцената на МНТ ќе остане запаметен по театарските улоги како: Клег во „Бесачи“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, Таткото во „Соларис“, Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Тероризам“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, Таткото Тил во „Сината птица“, Озрик и Цар Едип во „Аферата Елсинор“, Готфрид Најцзекер во „Вечната куќа“, Грен во „Подемот и падот на кабарето“, „Декамерон“, „Животот е сон“, Јован и Анѓеле во „Парите се отепувачка“, Корубин во „Свадбата на Фигаро“, Тибалт во „Ромео и Џулиета“, „Бесови“, „Немој ти мене Фауст“, „Троил и Кресида“, „Суд“, „Лет во три глави“, Рака во „Госпоѓа Министерка“, Џими во „Вејка на ветрот“, Гласникот во „Мара/САД“, Маро Мароев во „Дундо Марое“, Морис во „Дракула“…
Тој оствари и повеќе филмски улоги, како Фантом во филмот „Хомо“, Енди Гомез во „Baaghi“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремикс“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“.
Славиша Кајевски беше погребан денеска на гробиштата во Ѓорче Петров.
Фото П. Стојановски