Познатиот македонски поет Славе Ѓорго Димоски е годинешен добитник на

државната награда „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста. Ова престижно признание се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Македонија.

-Државната награда „23 Октомври“ за мене една од најзначајните бидејќи, преку основањето на Македонската организација на овој ден во  1893 година во Солун, па преку Илинденското востание 1903 г. и најважниот документ „Крушевскиот манифест“ кој подоцна се преточи во асномските определби за слободна Македонија и „8 Септември“ конечно  Република Македонија да биде слободна самостојна држава, е континуитет кој на највисоко ниво ги изразува слободарските идеи и идеали на македонскиот народ, вели за весникот ВЕЧЕР Димоски.

Како што самиот посочи, неговата сфера е поезијата и ракувањето со зборовите.

-Поетскиот јазик не му конкурира на денешниот потрошувачки свет бидејќи тој доаѓа од сакралните проблесоци на исконско постоење на јазикот и цврсто се држи на стожерот на опстојувањето. Ако поетот замолчи ќе замолчи и душата на јазикот. А душата на нацијата е и јазикот, додаде Димоски.

Претседател на Одборот за доделување на наградата „23 Октомври“ годинава е Блаже Миневски.

Наградата на добитникот Славе Ѓорго Димоски ќе му биде врачена на 23 октомври (среда), во 12 часот, во македонското Собрание.