Скудетото за Интер е жива смешка, нешто комично

58

Кога збори Фабио Капело, цела фудбалска Италија стои мирно и слуша. Легендарниот италијански тренер беше гостин во радиото “Раи Уно” и за време на емисијата откри неколку пикантерии. Дон Фабио прво откри што мисли за “Скудетото” од сезоната 2005/2006 кое беше освоено од Јувентус, но потоа му беше доделено на Интер поради големиот скандал со наместени натпревари “Калчополи”.

  • Тоа е жива смешка, нешто комично. Беше јасно како ден дека на нефер начин “Скудетото” му беше доделено на Интер. Не беше почитуван тајмингот и правилата не дозволуваа да победи спортската правда. Исто така, тогашниот комесар на Фудбалската федерација на Италија, Гвидо Роси, немаш никаква контрола врз ситуацијата, изјави Капело, кој како предводник на Милан освои четири шампионски титули, со Рома една, а со Јувентус две титули, кои потоа и беа одземени на “старата дама”.

Пред неколку недели главна тема беше првенствениот дуел помеѓу Интер и Наполи, кој ќе биде запаметен по срамното однесување на домашните фанови кои во текот на целиот натпревар на расна основа го навредуваа дефанзивецот на “азурите”, Калиду Кулибали.

Интер заработи казна од два натпревара пред празни трибини, а Капело е убеден дека има решение и за таквиот сериозен проблем.

  • Играчите во тие моменти треба да седнат на зелениот терен и така нема да добијат никаква казна. На тој начин ќе им се помогне на навивачите кои сакаат да гледаат фудбал. На тој начин, тие кои се однесуваат расистички ќе добијат јасен сигнал дека мора да престанат со таквото однесување, додаде 72-годишниот стручњак.

Вината за таквата ситуација Капело ја лоцира и кај навивачите, но и кај играчите кои постојано се поздравуваат со хулиганите.

  • Италија е единствената земја каде ултрасите се главни, а играчите постојано ги поздравуваат. Премногу важност има се дава на тие луѓе. Околу 85-90% од навивачите кои ќе дојдат на трибините се далеку поважни, а не тие господа со транспаренти, со натписи и пораки, кои се одобрени и од клубовите, изјави Капело.

На крајот од интервјуто, Капело откри што точно мисли за актуелниот селектор на Италија, Роберто Манчини кој има тешка задача, да ги врати “азурите” на победничката патека.

  • Досега, Роберто се направи како што треба. Одбра млади играчи кои можат да играат за репрезентацијата и кои можат да ја понесат одговорноста. Потребна е храброст за такво нешто. Мислам дека е на вистинскиот пат, заврши Дон Фабио.