Скот: Суштината на договорот е признавање на Косово, а Рикер нема да тера никого за што било

84

Американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот, изјави дека САД не повлекуваат црвена линија кога станува збор за решавање на прашањето за Косово и дека клучот за Белград и Приштина е да се вратат на преговарачката маса.

Скот за српскиот весникот „Курир“ истакна дека секоја одлука што ќе ја договараат двете страни, а која може да се примени и да биде трајна, ќе биде поддржана.

-Ние не повлекуваме црвени линии, не одредуваме што ќе се случи, ако тоа што тие го договорат е стабилизирачки за регионот, ако може да се примени и е трајно, тогаш ние веројатно ќе го поддржиме. Но, чекаме самите страни да постигнат договор со посредство на ЕУ, посочи амбасадорот на САД.

Запрашан за идната улога на новоименуваниот американски човек за Балканот, Филип Рикер, Скот наведе дека тој нема план за Косово во својот џеб, како што се шпекулираше изминатите недели и дека нема никого да тера за ништо, туку дека двете страни треба да се согласат .

Тој истакна дека Рикер во средината на месецот ќе ја преземе функцијата шеф на Европското биро во Стејт департментот, оти има многу работи во агендата, како што се односите помеѓу Русија и Турција, со ЕУ, како и други предизвици, но воедно потврди и дека Рикер, како поранешен американскиот амбасадор во Скопје, е личност кој многу знае за Балканот.

-Неговото срце се уште е на Балканот, тој се грижи за она што се случува тука, посветен е процесот да се движи напред, но јас не мислам дека тој има план во џебот и дека ќе тера кого било на што било, истакна Скот.

Говорејќи за таксите за стоки од Србија, Скот рече дека овие такси се контрапродуктивни, “тие не го поддржуваат дијалогот, не одат во прилог на продолжување на дијалогот”.

-Клучот за Белград и Приштина е да се вратат на преговарачката маса. Тоа треба да биде приоритет на сите. Некои луѓе играат игри, немаат тактика, влечат некои потези, но целта за Косово е да се постигне договор, а единствениот начин за тоа е враќање на преговарачката маса, оцени Скот.

-Не се доведува во прашање нашата посветеност за партнерството со Косово, не постои прашање за нашата поддршка за нивниот суверенитет и ова е елемент на нашата општа политика во регионот, а тоа е стабилноста, што значи дека Косово и Србија мора да ги реши нивните односи, кажа Скот.

Тој го повтори ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека Косово и Србија треба да се залагаат за договор за нормализација и дека во срцето на тој договор мора да постои договор за заемно признавање.