Скопје три дена беше во ритамот на танцот на децата од Романија, Турција, Србија, Бугарија, Унгарија….Се одржа интернационалниот натпревар „Стејџ 2024“

249

Сцената на Националната опера и балет во Скопје блесна од неверојатната енергија и од посветеноста на повеќе од 2.000 деца на различна возраст, од 10 различни држави, од 36 танцови студија и балетски групи. Тоа беше вистински спектакл, празник на насмевки, кој потврди дека танцот е чудо. Успешноста во оваа професија, исто како и кај другите, зависи од талентот, посветеноста и од вежбањето. А, овие дечиња танцуваа со многу љубов, освојувајќи ги срцата на домашната и на меѓународната публика.

Скопје, искрено, три дена дишеше во ритамот на танцот, со настапите на децата од: Романија, Хрватска, Турција, Бугарија, Србија, Грција, Словенија, Унгарија, Македонија. Настанот се одржа на двете сцени во НОБ и траеше цели 13 часа, исполнети со настапи во различни танцови стилови: класичен и современ балет, акробатски и улични танци. Натпреварувачите ги демонстрираа своите извонредна посветеност и уметничка експресија, создавајќи вистински спектакл за сите присутни, за сите возрасти.

Како круна на настанот беше гала-вечерта, кога беа изведени 14. најдобри кореографии, избрани од еминентните судии на натпреварот. Тоа беше момент на инспирација за секој поединечно, со што се истакна најдоброто кај младите таленти, оставајќи силен впечаток кај публиката.

Гран-прито ѝ припадна на акробатската група „Тапија денс хаус“ од Софија, Бугарија. Од Македонија, беа наградени „Денст тим фјужн“ од Куманово, „Еурека“ од Скопје, студиото за танц „Бах“ од Струга и балетското студио „Балерина“.                       Настанот беше поддржан од Министерството за култура, а организиран од Тамара Ѓурчиновска и од балетското студио „Арт балет“.