Скопје со писмо ќе го отвора патот кон Брисел

Откако Владата усно го опипа пулсот на ЕУ-членките во однос на уставни измени со одложено дејство, сега подготвува официјално писмено решение што ќе го достави во Брисел. Портпаролката на Владата, Марија Митева, рече дека јавноста ќе биде информирана кога ќе биде готово решението за продолжување на преговорите за евроинтегративниот пат на државата, откако лидерот на СДСМ Венко Филипче изјави дека во Владата има спротивставени ставови за евроинтегративните процеси на Македонија и повторно повика да се свика собраниска седница на која премиерот Христијан Мицкоски ќе ги каже плановите за евроинтегративниот процес на државата

36

Откако Владата усно го опипа пулсот на ЕУ-членките во однос на уставни измени со одложено дејство, сега подготвува официјално писмено решение што ќе го достави во Брисел. Портпаролката на Владата, Марија Митева, рече дека јавноста ќе биде информирана кога ќе биде готово решението за продолжување на преговорите за евроинтегративниот пат на државата, откако лидерот на СДСМ Венко Филипче изјави дека во Владата има спротивставени ставови за евроинтегративните процеси на Македонија и повторно повика да се свика собраниска седница на која премиерот Христијан Мицкоски ќе ги каже плановите за евроинтегративниот процес на државата.

-Ги слушнавме изјавите, односно повикот за информирање на Собранието. Од она што беше презентирано пред јавноста и од страна на министерот за европски прашања Орхан Муртезани и од премиерот, секако дека кога ќе се подготви едно такво решение, прво јавноста ќе биде информирана. Не станува збор за нешто што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграциите и евроинтеграцискиот пат е секогаш отворена пред граѓаните со јасно изразени услови. Се согласувам дека за истото кога ќе се создадат услови ќе биде информирана јавноста, изјави Митева.

Претходно, најголемата опозициска партија од македонскиот блок повторно побара од Владата да каже каков е планот за евроинтегративниот процес на државата. Лидерот на СДСМ, Филипче рече дека во наредниот период ќе ги користат сите механизми, вклучувајќи и свикување собраниска седница, со цел да обезбедат одговор од премиерот во врска со евроинтеграциите на земјава.

– Ние секојдневно покажуваме конструктивност за прашањето за продолжување на евроинтегративниот пат на државата, но, за жал, не гледаме одговор од премиерот во таа насока. Нашата идеја за собраниска седница е затоа што Собранието е местото каде што носат одлуки. Премиерот има многу најави за некаква поддршка од некои држави за менување на преговарачката рамка со која наводно би се подобрила состојбата на нашата држава во процесот на евроинтеграции, но сето тоа е обвиено со некаква мистерија и не знаеме детали. Премиерот има обврска тоа да го соопшти пред народните избраници и на граѓаните. Сега откако еднострано го запре евроинтегративниот пат, нешто за што нема ниту политичко, ниту етичко, ниту морално право, тој треба да направи нешто што очекува огромното мнозинство граѓани, изјави Филипче.

Тој обвини дека во Владата има спротивставени ставови за евроинтегративните процеси на Македонија и тоа е уште поголема причина за собраниска седница на која премиерот Мицкоски треба да ги каже плановите на Владата за напредокот на земјата

– Жалам што неговиот министер Муртезани го демантира премиерот во неговите изјави дека наводно има најави за поддршка да се донесат уставни измени со одложено дејство, бидејќи самиот министер кажа дека во ЕУ во ниту една држава нема расположение за таква работа. Тие конфузни изјави, тие дисонантни тонови во владата кои создаваат впечаток на целосна бесперспективност мора да се расчистат во Собранието. Ние мора да знаеме кој е планот на владата, ако воопшто го има, како ние ќе го продолжиме евроинтегративниот пат, истакна Филипче.

Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани, на прес-конференцијата по повод 100 дена Влада изјави дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот на Владата за уставни измени со одложено дејство, но дека не го ни отфрлува целосно. Муртезани потврди дека во Владата се подготвува писмо со идеи за одблокирање на преговорите на Македонија со Унијата, но содржината на писмото сè уште не е готова, таа е во фаза на интерни разговори во Владата, но и кога ќе биде готова, во јавноста ќе биде објавена по формирањето на нова Влада во Бугарија.

Во неколку наврати јавно имав кажано дека тој предлог не се гледа со голем оптимизам во Брисел, меѓутоа не се отфрла целосно. Мислам дека ние треба да настојуваме на изнаоѓање решенија кои ќе бидат прифатливи и од нашите стратешки партнери. Ова не зависи многу од нив, туку зависи од нашата волја и ангажман за изнаоѓање решенија. Најавите на премиерот се токму тоа што веќе го спомнав дека се работи на изнаоѓање нови решенија кои се во фаза на интерни разговори во Владата. Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме таков нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија, бидејќи сметаме дека периодов и да имаме најдобар можен план, не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна, затоа се работи интензивно на изнаоѓање решенија, и мислам дека ова е правилниот пристап за понатаму, изјави Муртезани.

Ставот на премиерот Мицкоски е дека преговарачката рамка со Европската Унија треба да се направи по урнек на Преспанскиот договор, што значи дека Бугарите ќе бидат внесени во македонскиот Устав, но тоа ќе важи кога Бугарија ќе го ратификува приемот на земјава во ЕУ, на ист начин како што Грција прва го ратификуваше приемот на Македонија во НАТО, под новото уставно име. На тој начин, македонските власти сакаат да се осигурат дека ова ќе биде последното барање од Бугарија.

Мицкоски деновиве најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси. Македонскиот премиер истакна дека земјава направи премногу отстапки кон Бугарија и дека промената на име, знаме и устав нема никаква врска со Копенхашките критериуми. (В.С.Н.)