СКОПЈЕ СЕ ВРАЌА ВО НОРМАЛА: Се чистат тротоарите и велопатеките

57

Скопје полека се враќа во нормала по обилните врнежи од снег што паѓаа непрекинато два дена. Екипите на грдската Зимска служба ги расчистија коловозите на булеварите и магистралните улици кои се во надлежност на Град Скопје, а на терен интензивно се работи на чистење на тротоарите и велосипедските патеки од наталожениот снег за да им се овозможи полесно движење на граѓаните. На „критичните точки“, се фрлени 432 тони сол.

– Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ со два камиона, четири машини и останата потребна механизација вршеа расчистување на патеките од снег во зелените површини, тротоарите и парковите за олеснето движење на граѓаните. Им препорачуваме на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите, истите да не паркираат на улиците и булеварите, и да овозможат непрекинато движење на возилата на Зимската служба – информираат од Град Скопје.

Споредните и сервисните улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти треба да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.