Украина и најавата за нејзина итна интеграција во ЕУ може да бидат клучниот забрзувач на деблокирање на македонското приклучување во Унијата. Според информации што ги пренесе „Еуроактив“, на позитивната оцена за почеток на преговорите на Украина мора да ѝ претходи зелено светло од ЕУ во јуни за евроинтеграциите на Албанија и на Македонија. Како и каков договор дотогаш треба да постигнат Скопје и Софија за да се крене бугарската рампа, останува нејасно, бидејќи, од една страна, се притиска за внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, а, од друга страна, бугарскиот претседател Румен Радев побара македонските Бугари да не ги квалификуваат како малцинство.
Барањето на бугарскиот претседател Радев, како и сите бугарски настојувања да бидат внесени во Уставот се спротивни на меѓународното право, коментира проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска, професорка по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
„Меѓународното право признава само национални малцинства и ништо друго. Барањата на Бугарија се кршење на меѓународното право“, изјави за весникот ВЕЧЕР проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска.
Овој нов пресврт во серијалот околу проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан се случи откако во саботата украинската вицепремиерка задолжена за европска и евроатлантска интеграција, Олга Стефанишина, порача дека Украина очекува во јуни да добие кандидатски статус за членство во ЕУ. Нејзините изјави доаѓаат еден ден откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вети брз одговор на барањето на Украина за членство во Унијата.
Дали ова ќе даде позитивен поттик на забрзување на разговорите меѓу Скопје и Софија, кои сѐ уште не резултирале со заемено прифатлив документ, како што посочи премиерот Димитар Ковачевски, останува да видиме. Ковачевски во интервју дадено на маргините на Делфи економскиот форум во Грција посочи дека е неблагодарно да се прогнозира како ќе влијаат случувањата во Украина на процесот на евроинтеграција на регионот и, пред сè, на брзината на приемот на земјава во ЕУ.
„Декларативно, Европската Унија сака да го забрза тој процес. Исто така, и сите изјави на претставниците на САД се во таа насока. Сепак, пред нас има предизвик и отворени политички прашања со соседна Бугарија, кои треба да се решат прво, а, секако, да се решат во духот на европските вредности и потоа можеме да зборуваме за одржување на прва меѓувладина конференција“, рече Ковачевски.
Бугарскиот амбасадор во Тирана, Момчил Рајчевски, за време на посетата на албанскиот град Корча, истакна дека Бугарија е во период на многу интензивни разговори со Македонија и очекува наскоро да се постигнат конкретни резултати. Тој не ја коментираше изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека ќе побара од ЕУ одвојување на евроинтеграциските процеси на Албанија и Македонија, додавајќи дека Албанија си ја завршила својата работа.
Еден од најважните услови што ги постави Софија за да ги деблокира македонските преговори со ЕУ, беше внесувањето на Бугарите во списокот на малцинства наведени во македонскиот Устав. Наспроти ова барање, бугарскиот претседател Радев ја предупреди Владата да не помислува Бугарите во Македонија да ги нарекува „малцинство“, иако само околу 3.500 лица се изјаснија како Бугари на пописот во Македонија, наспроти издавањето стотина илјади бугарски пасоши.
„Сакам, исто така, да ги повикам надворешно- политичките советници на премиерот во никаков случај да не ги квалификуваат македонските Бугари како малцинство. Тоа не одговара на реалноста, на Уставот на нашата соседна земја. Тоа може да предизвика сериозни проблеми во нашите односи и да го поткопа целиот процес на европска интеграција на РС Македонија“, изјави Радев.
Ова дополнително ги заплетка работите во однос на бугарските позиции за спорот со Македонија, по полемиката што ја предизвика лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов, кој на Фејсбук го обвини бугарскиот премиер Кирил Петков дека сака почеток на преговорите на Македонија со ЕУ до крајот на јуни, без никакви законски гаранции за почитување на правата на Бугарите во земјата и дека дејствува без координација со бугарското МНР, коалициските партнери и Народното собрание. Завчера за ова прашање се огласи и опозициската партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на Бојко Борисов, која побара бугарскиот претседател да свика ново заседание на Консултативниот совет за национална безбедност да се разјасни позицијата на Софија кон земјава.
Од друга страна, предавачот и виш соработник во Школата за напредни и меѓународни студии при Универзитетот „Џон Хопкинс“ од Вашингтон, Едвард Џозеф, вчера посочи дека иако војната во Украина е над сите приоритети на САД и ЕУ, мора да се направат напори да се надмине блокадата на Софија за евроинтеграција на земјава, бидејќи напредувањето во ЕУ, како што истакна „Скопје и Тирана заслужено го заработија“.
(И.С.)