СКОПЈЕ ДОБИ ЗЕЛЕН КАТАСТАР: Во парковите и покрај булеварите растат 65.844 дрвја и 28.395 грмушки

816

Во Зелениот катастар има податоци за видот, староста и местоположбата на дрвјата и грмушките, а во следна фаза ќе бидат попишани дрвјата засадени на општински површини, во дворовите на јавните претпријатија, средни училишта и други установи, но и во дворовите на граѓаните. Изработена е и ГИС апликација за преглед и управување со јавното зеленило на територијата на Град Скопје

Точно 65.844 дрвја и 28.395 грмушки има засадено по парковите и покрај булеварите во Скопје. За секое од нив постојат податоци за видот, староста и местоположбата, а се запишани во Зелен катастар што за прв пат го изработи Град Скопје, заедно со УНДП.

Како што појасни градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во наредниот период во Зелениот катастар ќе бидат попишани дрвјата засадени на општински површини, во дворовите на јавните претпријатија, средни училишта и други установи, но и во дворовите на граѓаните.

– Во минатото зеленилото во градот честопати било жртвувано на сметка на новите градежни објекти, но и на проектот “Скопје 2014” кои задоволуваа извесни лични, политички и бизнис интереси, но не и интересите на граѓаните кои имаат неспорно право да живеат во здрава животна средина. Несоодветен беше и третманот, голем број дрвја се самоуништија, се исушија. Имајќи предвид дека интензивно вршиме зазеленување на градот сериозно ќе го дигнеме просекот и во догледно време ќе можеме да ги стигнеме европските просеци зад кои заостануваме за околу 40 проценти. Сега, со Зелениот катастар треба да обезбедиме прецизни и квалитетни податоци со чија помош ќе може целосно да се спречи непотребното сечење или оштетување на дрвјата и целосното уништување на зеленилото за потребите на разни градежни активности – рече Шилегов.

Изработена е и ГИС апликација за преглед и управување со јавното зеленило на територијата на Град Скопје. Шилегов нагласи дека граѓаните на апликацијата уште од денеска ќе можат да внесат колку дрвја имаат во нивните дворови, но во зелениот катастар официјално ќе се објават откако екипи од Град Скопје ќе направат проверка дали е точен пријавениот број.

Освен садење на нови зелени површини, во наредниот период Град Скопје ќе посвети големо внимание на заштита на постојното зеленило.

– Со помош на Шумарскиот факултет работиме и на мапирање и ослободување на заробени стебла и корени на дрвја со градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности. Напролет ќе почне изградбата на зелениот покрив на Градскиот трговски центар, како и изградба на нови паркови и садење дрвја во пролетна и есенска акција. Граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во една модерна зелена престолнина која ќе им гарантира квалитетен и здрав живот. Верувам дека со многу ентузијазам и посветена работа сите заедно можеме да го постигнеме тоа, за доброто на сите, рече Шилегов.

Професорот од Шумарскиот факултет, Здравко Трајанов посочи дека градските власти треба да размислуваат за формирање на т.н. “градски шуми”, како вонградско зеленило под надлежност на Град Скопје. Тој апелираше до ЈП ”Македонски шуми” да бидат иницијатори за донесување на закон со кој ќе се забрани користењето на мокро дрво за затоплување бидејќи при горењето многу влијае на загадување на воздухот.
(С.Бл.)