Скопјанка едвај спаси глава во Никити од убод од отровна риба 

Ексклузивно за весникот „Вечер”, скопјанката Наташа А. Галевска ни раскажа за своето несекојдневно искуство што и се случило на плажата во местото Никити, лоцирано на вториот крак од полуостровот Халкидики. Таа била касната од дракена во моментот кога се подготвувала да се искапе во морето, по што итно била пренесена во медицинскиот центар во „Агиос Николау“ каде што добила против отров, лекот „тетагам“

2477

Внимавајте риба дракена напаѓа по грчките плажи

Неколку македонските туристи, но и од регионов, кои во јуни летуваат на плажите во Грција имале непријатно искуство. Тие биле каснати од  опасната риба дракена која испушта отров и затоа како заштита треба во најкраток можен рок  да се прими еден вид на серум.

Се работи за рибата дракена која вообичаено живее во големите длабочини, но  на крајот на мај и во јуни сè почесто се појавува во близина на крајбрежјето. Вешто се сокрива во песокот, па не може да се забележи. Доколку ја згазнете таа испушта отров и почнуваат неподносливи болки па затоа потребна е итна медицинска помош. Мештаните ги предупредуваат туристите  дека првата помош е жешка вода затоа што отровот е термолабилен, поради тоа не е лошо секогаш покрај себе да имате шише вода која ќе ја чувате на сонце.

Рибата се карактеризира со високо поставени очи, долната вилица е подолга од горната и има шари  на грбот. Од долната страна има боцки свртени наназад, а слични боцки има и на грбната перка.

 Необично искуство со среќен исход

Весникот „Вечер” стапи во контакт со скопјанката Наташа А. Галевска која ни раскажа за своето несекојдневно искуство што и се случило на плажата во местото Никити, лоцирано на вториот крак од полуостровот Халкидики, популарно наречен Ситонија.

– Со години летувам во Грција и досега вакво нешто ми се нема случено. Ниту пак знаев дека има толку опасна риба, која што во јуни се мрести и се закопува во плитките води – вели нашата соговорничка Галевска и дополни дека не се работи за голема риба, има песочна боја и затоа не се забележува, но на грбот има три  црни перки како боцки со кои што го врши отровниот убодот.

Според неа ова не е пропаганда за  летувалците кои што ќе заминат во Грција, бидејќи вакви риби  имало и во Хрватска каде се нарекувале паук, во Словенија змај,а во Грција дракена. Само ти предупредува да бидат внимателни.

-На одмор бев на вториот крак од Халкидики – Ситонија и утрото кога отидов на капење, морето беше прекрасно, водата сина, чиста и проѕирна. Одеднаш осетив силна болка речиси неиздржлива. Ногата ми се парализираше до коленото и ми се зацрвени. Во паника прашав од мештаните што да правам и тие ме упатија во медицинскиот центар во  Агиос Николау кој е задолжен за медицински услуги за тој реон. Лекарите веднаш знаеја како да се постапува при убод од дракена. Во аптека сами си го купив лекот „тетагам“ што се користи како заштита и чини 11 евра – објасни за весникот „Вечер” Наташа А. Галевска и дополни дека пријатно била изненадена што за медицинската услуга ништо не и наплатиле, оти се третирало како ургентен случај.

Грчките лекари и порачале кога ќе пристигне  во Македонија во рок од 24 часа да  прими и тетанус.

-Веке 20 дена оттогаш, но отокот не ми поминува и уште чувствувам болки. Не можам да си облечам чевли – дополни скопјанката.

Македонските лекари препорачуваат ова лето  во патната аптека задолжително да има „летизен“ и „дексаметазон“, оти тоа е превентива при вакви убоди од риба, но и од инсекти.

Инаку интересно е што  мештаните во Грција знаеле дека до 20 јуни не е препорачливо да се капат во море и затоа избегнувале, ама ете македонските и српските туристи не се доволно информирани за тоа.

На социјалните мрежи се јавија и други лица од Македонија кои што имале сличен проблем. Една скопјанка напишала  дека пред неколку години во Аспровалта ја каснала оваа опасна риба и има слични проблеми. Некои пак се жалат дека имале компликации на местото каде што ги каснала рибата, дури морале да одат на хирургија и да го отстрани делот од кожата каде што бил отровот од рибата.

И српски туристи каснати од опасната риба

На оваа тема деновиве пишуваше и српски „Телеграф“. Според нив од опасната риба пајак неколку туристи од Србија биле каснати во туристичкото место Неи Пори, Лептокарија и Паралија.

Една од каснатите добила рана од рибата на палецот од ногата. Таа веднаш побарала лекарска помош, а докторот ѝ кажал дека имала среќа што се јавила во првите 15 минути по убодот од отровната риба. Инјекцијата ја примила во палецот, на местото на убодот, а потоа примила и антибиотик.

-Стапнав на рибата во моментот кога трчав по песокот во водата. Одед

наш почувствував ужасна болка, не знаев што ме снајде, мислев дека ги скршив сите прсти на стапалото или дека стапнав на стакло. Меѓутоа имаше многу малку крв, а премногу болка. Не знаев дека жешкиот камен и жешката вода можат да  бидат прва помош –раскажала  млада женичка од Србија.

Сопругот веднаш ја однел во болница каде што дознала дека нагазила на риба со боцки на грбот.

– Ми дадоа инјекција, но болката остана, стапалото ми отече толку многу што цел ден носев папучи – вели српската туристка и нагласила дека отокот се повлекол по три недели.

Искусните рибари велат дека во минатото кога немало соодветни лекови за овој вид на отров, се случувало да  настанат компликации кај лицето што било каснато и да има и смртен исход.

(В.Ма.)