Скопјани уште пред три години имале поголема просечна плата од сегашната на ниво на држава

150

Во Полошкиот регион вработените во административните и помошните услужни дејности земаат во просек по 61,5 илјади денари, а во останатите седум региони за иста работа работниците се платени со 15 до 17 илјади денари

Вработените во Скопскиот регион уште пред три години имале повисок просек на платите од сегашниот на ниво на држава. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2015 година во општините во Скопскиот регион просечната нето плата по вработрени изнесувала 25.861 денар, што е за 77 денари повеќе од просечната плата што била исплатена во државата лани во декември, за кога се последните податоци. Во 2017 година пак, според анализата на ДЗС просечната плата во овој регион изнесувала 26.790 денари и од просечната државна за декември 2018 година била повисока за 1.000 денари.
Вработените во Скопскиот регион отсекогаш биле најдобро платени, па во комбинација со големата понуда на работни места, отаму е и навалицата на жителите од другите седум региони за вработување во главниот град.
Наспроти Скопскиот, стојат Источниот и Североисточниот регион, каде работниците се најслабо платени. Земено во просек, вработените во Источниот регион месечно заработуваат по 17.653, а во Североисточниот по 17.749 денари, покажува последната анализа на ДЗС.
Според податоците во најновата публикација за регионите во Македонија во 2017 година просечната плата во Скопскиот регион била за близу 17 проценти повисока од просечната на ниво на држава, додека пак земено во просек, во Источниот регион платите биле за 23 проценти помали.
– Највисок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2017 година, во однос на вкупниот просек во државата е забележан во Скопскиот регион (16,8 %), а најнизок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2017 година, во однос на вкупниот просек во Република Македонија, е забележан во Источниот регион (23%), се наведува во публикацијата.
Интересно е тоа што во регионот каде што работат најслабо платените ртаботници, Источниот, платите најмногу се зголемиле, за цели 5,7 проценти и со тоа најмногу влијаеле да се зголеми просекот на ниво на држава.
Податоците од публикацијата на ДЗС покажуваат дека единствена дејност каде платите во Скопскиот регион се помали од републичкиот просек и тоа само за околу илјада денари, се административните и помошните услужни дејности. Од друга страна, вработените во преработувачките капацитети во Скопскиот регион добиваат за околу 8.000 денари над државниот просек на платите во тој сектор. Разликата во заработувачките меѓу вработените во преработувачката индустрија во Скопскиот и во Полошкиот регион е уште поголема и е еднаква на загарантираната минимална плата во државата, односно 12.000 денари. Затоа пак, во Полошкиот регион вработените во административните и помошните услужни дејности земаат во просек по 61,5 илјади денари, а во останатите региони за иста работа работниците се платени со 15 до 17 илјади денари. Воедно, платата на административците во Полошкиот регион е најголема во државата регистрирана во 2017 година, за кога се податоците на ДЗС. (С.В.)