Скопјани со најголеми, а крушевчани со најмали можности за здравствена заштита во земјава

38

– Има огромни разлики во можностите, односно степенот на здравствена заштита што може да ја добијат жителите на 30. градови во земјава. Подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Но, меѓу големите градови, најлошо стојат Кичево и Кочани, а меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево – се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

 

Највисоки можности за здравствена заштита имаат жителите на главниот град, Скопје, додека најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат жителите на Крушево, покажа истражувањето за степенот на здравствена заштита на жителите во триесетте здравствени центри во земјава што го објави Центарот за граѓански комуникации.

– Има огромни разлики во можностите, односно степенот на здравствена заштита што може да ја добијат жителите на 30. градови во земјава. Подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Но, меѓу големите градови, најлошо стојат Кичево и Кочани, а меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево. Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај Крушево, се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка – се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони, како што се болниците, здравствените домови, службите за заштита на жените, на предучилишните и училишните деца, лекарскиот, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата стапка и стапката на смртност кај доенчињата.