Скопските средношколци ќе се едуцираат за правилно и прописно паркирање

25

Во рамките на проектот „Паркирај совесно!“ од денеска почна едукацијата на учениците од трета година од средните училишта во Скопје, како најмлади идни активни учесници во сообраќајот, за правилно и прописно паркирање.

Проектот ќе се реализира во следните четири месеци, од страна на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, Министерство за внатрешни работи, Град Скопје, Општина Центар и Коузон Корпорација.

– Целта на овој проект е да ги едуцира средношколците од трета година во Скопје, како најмлади идни активни учесници во сообраќајот, за правилно и прописно паркирање, да ја развие нивната сообраќајна култура и свест за безбедно однесување во сообраќајот, како и да им помогне да стекнат основни предзнаења за сообраќајот и прописното паркирање – велат од ЈП ПОЦ. 

Проектот ќе се одвива во три фази, во првите два месеци во сите средни училишта во Скопје ќе се одржат интерактивни едукативни предавања. Третиот месец учениците ќе излегуваат на терен заедно со контролорите на ЈП ПОЦ и сообраќајните полицајци и ќе ги предупредуваат сите несовесно паркирани автомобили, а оние кои се прописно паркирани ќе добијат пофалници.

За да се поттикнат поактивно да се вклучат во проектот, учениците ќе имаат задача да направат интересни фотографии од прописно и непрописно паркирани автомобили на паркиралиштата и ќе ги постираат на социјалните мрежи на проектот со интересни постови и хаштази. Исто така, пред крајот на школската година, учениците ќе се тестираат за стекнатото знаење од едукативните предавања. Најдобрите 10 фотографии кои ќе имаат најмногу лајкови, коментари и споделувања на социјалните мрежи и 10 ученици со најдобри оцени на тестирањето ќе добијат награда – патување и ќе имаат можност да се запознаат со сообраќајната култура надвор од границите на државата.