Скопскиот аеродром акредитиран со Здравствен сертификат за аеродроми од Меѓународниот совет на аеродроми

38

Меѓународниот Аеродром Скопје се стекна со акредитација од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) во рамки на Програмата за здравствена акредитација на аеродромите, што претставува нов меѓународен репер во однос на спроведени здравствени мерки на аеродромите ширум светот, креирана за да помогне да се увери патувачката јавност дека аеродромските објекти остануваат безбедни и дека се преземаат мерки на претпазливост за да се намали ризикот по нивното здравје.

Според податоците од ACI, 350 аеродроми на светско ниво аплицирале за акредитација со Програмата за здравствена акредитација на аеродроми, додека 60 од нив се акредитирани досега.

-Аплициравме на Програмата за здравствена акредитација на аеродроми на ACI и целиот процес на ревизија траеше од февруари 2020 година до август 2020 година. Стручни лица за здравје и безбедност на ACI ги проверуваа аеродромските процеси, вклучително и Аеродромскиот план за подготвеност при јавно-здравствена вонредна состојба од меѓународно значење, Протоколот на ТАВ Македонија за работење на аеродромот при пандемија, како и Планот за дезинфекција на терминалот на Меѓународниот Аеродром Скопје. Здравствената акредитација на аеродроми на ACI е глобално признание и доказ за нашите постојани напори и посветено работење на одржливи здравствени мерки на аеродромот. Ние навистина веруваме дека ова дополнително ќеги увери нашите патници дека нивните патувања преку Меѓународниот аеродром Скопје се и ќе бидат безбедни, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Сертификатот, односно акредитацијата на ТАВ Македонија важи во следните 12 месеци, за што ќе следи процес на ресертификација од страна на ACI.

Пред Здравствениот сертификат од ACI, Меѓународниот Aеродром Скопје во 2020 година го имплементира Пандемискиот протокол дизајниран според најновите здравствени стандарди на Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската унија (EASA) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), и скопскиот аеродром е еден од првите аеродроми кои успеаја да се усогласат со највисоките стандарди на ЕУ и со највисоките меѓународни здравствени стандарди за авијација.

-По разгледување на доказите презентирани во текот на процесот на евалуација, вашиот аеродром покажа дека нуди безбедно аеродромско искуство за сите патници, што е во согласност со препорачаните здравствени мерки утврдени во упатствата на ACI за рестартирање и закрепнување на деловните активности во воздухопловството и препораките на работната група за закрепнување на воздухопловството на Советот на ICAO, заедно со најдобрите практики во индустријата. Уверени сме дека вашите напори ќе ни помогнат да успееме во остварувањето на оваа заедничка цел, пишува Луис Фелипе де Оливеира, Генерален директор на ACI World, во официјалниот допис до генералниот директор на ТАВ Македонија.

Де Оливеира упати честитки до целиот тим на ТАВ Македонија, особено до Меѓународниот Аеродром Скопје, за акредитирањето во рамки на Програмата за здравствена акредитација на аеродроми на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI).

ТАВ Македонија повторно ги отвори Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид на 1 јули 2020 година, откако и двата аеродрома беа затворени во средината на март 2020 година, како резултат на владините мерки за спречување на ширење на КОВИД-19 во земјата.

По повторното отворање во јули 2020 година, патничкиот сообраќај на двата аеродрома во Охрид и Скопје полека закрепнува. За периодот јануари – август патничкиот сообраќај е намален за 68%, споредено со истиот период во 2019 година. Пред почетокот на кризата со КОВИД-19 во март 2020 година, ТАВ Македонија забележуваше постојан двоцифрен пораст во бројот на патници на двата аеродрома. Порастот во бројот на патници за првите два месеца од 2020 година беше 15%.