Скапо плативме, ковид-19 однесе 5.230 човечки животи

75

 Зошто Македонија останува шеста земја во светот по бројот на починати од коронавирус? Според епидемиологот д-р Александар Стојанов загрижува фактот што во Македонија е голема смртноста на заразените со ковид-19. -Само споредено со Србија која има седум и пол милиони жители има ист број на починати лица како нашата земја. Дури и јас сум збунет и не можам да си објаснам зошто тоа се случува кога има меѓународни протоколи како да се лекува ковид-19, вели за весникот ВЕЧЕР д-р Стојанов

 

Употреба на високи дози на антибиотици, различни болнички протоколи, доцнењето на масовната имунизација, ниската здравствена култура, немањето можност за здрава исхрана… се само дел од причините кои ги наведуваат медицинските експерти кои ги контактираше весникот ВЕЧЕР, што доведоа до висока смртност од ковид-19.

Со 5.230 починати лица од коронавирусот за изминативе 14 месеци Македонија е на високото шесто место во светот според бројот на жители. Деновиве значително се намали бројката на новозаразени лица, но и покрај тоа имаме висока бројка на оние што ја губат битката со вирусот и покрај тоа што најголемиот дел од починатите се болнички згрижени.

Институтот за јавно здравје вчера регистрираше 27 новозаразени лица со ковид-19, а починати беа 19 лица од сите возрасни групи. За една недела во земјава починаа 137 лица од опасниот вирус, а во моментов во Македонија болни со коронавирус се 3.452 лица, при што повеќе од десет проценти се хоспитализирани.

Според епидемиологот д-р Александар Стојанов, долгогодишен  директор на Скопскиот центар за јавно здравје, a од неодамна пензионер, навистина загрижува фактот што во Македонија смртноста на заразени со ковид-19 е навистина голема. Тој смета дека повеќе фактори имаат придонесено нашите граѓани да ја изгубат битката со овој опасен вирус, но според него не треба како причина да се наведува касното доаѓање на пациентите во болница и барање на лекарска помош.

-Само споредено со Србија која има седум и пол милиони жители има ист број на починати лица како нашата земја. Дури и јас сум збунет и не можам да си објаснам зошто тоа се случува кога има меѓународни протоколи како да се лекува ковид-19, вели за весникот ВЕЧЕР д-р Стојанов кој има огромно искуство со вирусните инфекции и затоа долги години беше и член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Според него пандемијата покажала дека здравствената култура на нашето население не е на потребното ниво.

– Како што заостануваме во животниот стандард во однос на развиените европски земји, така тоа ни се одразува и во здравствената култура. Не ни е на потребното ниво ниту здравата исхрана, која добар дел од граѓаните не се во можност да си ја обезбедат. Има и други ризик-фактори кои се дел од причините кои придонесоа да влијаат на лошиот исход и големата смртност – смета д-р Стојанов.

Познатиот микробиолог д-р Никола Пановски во неколку наврати јавно посочи дека се сомнева дека пациентите биле предозирани со лекови. Тој смета дека пандемијава спласнува во Македонија благодарение на колективниот имунитет,  кој не е постигнат со имунизација, туку по природен пат. Професорот Пановски  деновиве кажа дека скапо нè чинеше овој начин на стекнување имунитет – со илјадници изгубени човечки животи.

-Главен проблем е што нема протоколи како да се лекуваат пациентите дома, како да се употребуваат антибиотиците, а добар дел од луѓето на своја рака земаа лекови и се труеја. Некои од нив и здрави земаа лекови како превентива, а сето тоа влијаеше на исходот на болеста и големиот смртен исход – појаснува д-р Пановски и дополнува дека 14 месеци матичните лекари немаат добиено официјални протоколи како треба да лекуваат болни со ковид-19 во домашни услови.

Тој е против употребата на сумамед, особено во двојна доза како што најчесто лекарите го препишуваат.

Матичните лекари реагираат и велат дека терапијата за ковид била одредувана во зависност од состојбата на пациентот. Тие тврдат дека овие 14 месеци биле во првите борбени редови и биле достапни во секое време за своите пациенти, при што спасиле многу човечки животи.

Што се однесува за тоа каква ќе биде состојбата во земјава во летниот период кога ќе има и поголема раздвиженост меѓу населението, д-р Пановски не очекува раст на бројот на заболени, но сепак со доза на резерва бидејќи вирусот е многу непредвидлив.

Нашите здравствените власти сè уште се двоумат дали летово треба да има свадби, концерти и прослави на отворено, како и тоа дали вакцинираните лица треба да се ослободат кога се движат на отворено. Здравствените власти пак на соседна Србија очекуваат ослободување од ковид на 21 јуни годинава, но услов за тоа е дотогаш 50 отсто од полнолетните граѓани да бидат вакцинирани. Досега во Србија имунизирани се повеќе од 42 проценти, а во Македонија бројката на имунизирани лица е значително пониска и е околу 10 отсто од населението.

(В.Ма.)