Скандал во Белгија: На списокот на екстремната десница, кандидат осудуван за негирање на Холокаустот

50
Фото:принтскрин

Екстремно десничарската белгиска партија „Влаамс Беланг“ на својата листа на кандидати за претстојните општински избори го стави 90-годишниот Роланд Реис, познат по негирањето на холокаустот.

Тој беше осуден за негирање на холокаустот во 2008 година, откако ги доведе во прашање размерите на злосторството и автентичноста на дневникот на Ана Франк.

Нему му е изречена условна казна затвор од четири месеци, која во жалбената постапка му е укината, иако пресудата за вина остана, пренесува Политико.

Реис е ко-основач на партијата „Влаамс блок“, претходник на „Влаамс Беланг“ и е 27-ми на партиската листа за општина Алтер од 29 кандидати.

Пол Бехајт, водечкиот кандидат на Влаамс Беланг за општина Алтер, за белгиските медиуми изјави дека Реис побарал место на листата и дека „од почит му било дадено симболично место, бидејќи тој е еден од основачите на блокот Вламс. ”

Белгискиот пратеник Михаел Фрајлих, внук на човек кој го преживеа холокаустот, го осуди овој потег на десничарската партија, велејќи дека „Влаамс Беланг“ „уште еднаш го покажа своето вистинско лице“.

Оваа партија го освои вториот најголем дел од гласовите на националните избори во јуни, а во Белгија на 13 октомври се закажани покраински, општински и окружни избори, пренесува Танјуг.