СИ ЈА ЗАЈАКНА МОЌТА: Лукашенко си додели доживотен имунитет од кривично гонење

103

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, потпиша нов закон кој му дава доживотен имунитет од кривично гонење. Законот, теоретски, важи за секој поранешен претседател и членови на неговото семејство. Во реалноста, тоа е релевантно само за 69-годишниот Лукашенко, кој владее со Белорусија со железна тупаница речиси 30 години, пишува „Гардијан“.

Целта на новиот закон се чини дека е дополнително да ја зајакне моќта на Лукашенко и да ги елиминира потенцијалните противници на следните претседателски избори во земјата кои треба да се одржат во 2025 година.

Законот значително ги заострува условите за претседателските кандидати и го оневозможува изборот на опозициските лидери кои во последните години побегнаа во соседните земји. Право да се кандидираат имаат само граѓаните на Белорусија со постојан престој во земјата најмалку 20 години, кои никогаш немале дозвола за престој во друга земја.

Белорусија беше потресена од масовни протести за време на контроверзниот реизбор на Лукашенко во август 2020 година за шести мандат, што опозицијата и Западот го оквалификува како измама. Во тоа време белоруските власти приведоа повеќе од 35 000 луѓе, од кои многумина беа измачувани во притвор или ја напуштија земјата.

Според текстот на новиот закон, Лукашенко, доколку ја напушти власта, „не може да одговара за дејствијата направени во врска со извршувањето на претседателските овластувања“.

Законот, исто така, вели дека претседателот и членовите на неговото семејство ќе имаат доживотна државна заштита, медицинска нега и животно и здравствено осигурување. По поднесување на оставка, претседателот исто така ќе стане постојан доживотен член на Горниот дом на парламентот.

Опозициската лидерка Светлана Тихановскаја, која побегна во соседна Литванија во 2020 година, рече дека новиот закон е одговор на Лукашенко на неговиот страв од неизбежната иднина. Тихановскаја наведува дека Лукашенко мора да биде загрижен што ќе се случи со него кога ќе замине од власт.

Тихановскаja побегна од Белорусија откако се кандидира за претседател во 2020 година против актуелниот лидер Александар Лукашенко

„Лукашенко, кој ги уништи судбините на илјадници Белоруси, ќе биде казнет според меѓународното право и од тоа нема да го заштити ниту еден имунитет, само е прашање на време“рече Тихановскаја, пренесува „Гардијан“.

Политичката опозиција во Белорусија бара истрага за исчезнувањето на опозициските политичари и отстранување на украинските деца од Украина.

„Ќе се погрижиме диктаторот да биде изведен пред лицето на правдата“,рече Тихановскаja нагласувајќи дека во Белорусија сè уште има околу 1 500 политички затвореници зад решетки, меѓу кои и добитникот на Нобеловата награда за мир, Алес Бјалијатски.