– Уште еден доказ дека она што се случува, односно војната, нè засега сите и дека сите треба да помогнеме за да се најде соломонско решение, тоа значи праведно решение за Украина, решение што ќе гарантира постојан мир, јас велам, Кантов вечен мир. Еднаш мислам дека е крајно време наместо да велиме никогаш повеќе и повторно да се соочуваме со војна, да се потсетиме на ноторниот факт дека Европската заедница настана како мировен проект и дека Европската Унија, но и сите држави во светот, имаат обврска да го чуваат мирот – изјави Сиљановска-Давкова
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска- Давкова, на покана од претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, учествува на самитот за мир во Украина, кој се одржува во Бургеншток, на езерото Луцерн во Швајцарија.
Сиљановска-Давкова вчера се обрати на пленарната сесија на самитот, а пред почетокот на сесијата, изјави дека една од најважните пораки е дека треба да се однесуваме кон војната во Украина не како кон украински проблем туку како европски и светски проблем.
– Неподелени беа мислењата дека дијалогот е здрава работа, дека мировната конференција навистина, и покрај многуте учесници, дојде до единствени сознанија. Најчесто се повикувавме сите на Повелбата на Обединетите нации, најчесто се повикувавме сите на мировните решенија – изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
Таа вчера учествувала и на панелот за безбедноста, односно опасноста за безбедноста за храната, од што сме засегнати и ние.
– Уште еден доказ дека она што се случува, односно војната, нè засега сите и дека сите треба да помогнеме за да се најде соломонско решение, тоа значи праведно решение за Украина, решение што ќе гарантира постојан мир, јас велам, Кантов вечен мир. Еднаш мислам дека е крајно време наместо да велиме никогаш повеќе и повторно да се соочуваме со војна, да се потсетиме на ноторниот факт дека Европската заедница настана како мировен проект и дека Европската Унија, но и сите држави во светот, имаат обврска да го чуваат мирот – изјави Сиљановска-Давкова.
Заблагодарувајќи ѝ се на Швајцарската Конфедерација за организирањето на самитот, таа додаде дека остварила кратки средби со претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, со потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, со германскиот канцелар, Олаф Шолц, со францускиот претседател, Емануел Макрон, и со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис.
На маргините на конференцијата, претседателката Сиљановска-Давкова оствари средби со повеќе други светски лидери. Во саботата, во рамките на учеството на самитот, македонската претседателка остварила средба и со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.
– Соговорниците изразија задоволство од одличната соработка воспоставена на традиционално пријателство и констатираа дека двете држави споделуваат врска создадена во текот на три децении соработка, меѓусебна почит, доверба и разбирање. Беше посочено дека оваа година славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, што е доказ за трајно партнерство и заедничките вредности – се наведува во соопштението.
Претседателката ја поздравила „недвосмислената поддршка од Полска на долгиот македонски пат кон ЕУ“ и ја нагласила „важноста од континуираната и отворена поддршка на Полска на македонскиот евроинтеграциски пат“.
– Упати благодарност за досегашната поддршка, посочувајќи дека полските искуства ќе ни бидат од голема корист за пристапниот процес кон ЕУ. Таа нагласи дека недвосмислено сме ѝ посветени на агендата за интеграција во ЕУ и во тој контекст, изрази очекување за силна поддршка од меѓународните партнери и институциите на ЕУ за да се осигуриме дека процесот на нашето членство ќе продолжи непречено. Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека е клучно европската перспектива на земјите кандидати да не биде попречувана од вето поради ирационални билатерални прашања, туку процесот треба да се води исклучиво низ призмата на исполнување на Копенхашките критериуми – информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
На конференцијата, која се одржува на иницијатива од Украина, учествуваат високи претставници на околу сто земји и на меѓународни организации.
Собирот има цел да воспостави форум за дијалог на високо ниво за начините за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир за Украина, во согласност со меѓународното право и со Повелбата на ОН.
На првиот ден на мировната конференција разговорите се фокусираа на пошироката загриженост предизвикана од војната, како што се безбедноста на храната и нуклеарната енергија. И Турција и Саудиска Арабија, потенцијални домаќини на следната ваква конференција, рекоа дека за значаен процес, ќе биде потребно учество на Русија во разговорите.
Кина соопшти дека ќе го бојкотира настанот откако ќе биде исклучена Русија од процесот, додека САД тврдат дека Пекинг ја донел одлуката по налог на Москва.
Американскиот претседател, Џо Бајден, ја испрати својата потпретседателка, Камала Харис, да го застапува – а одлуката го налути Киев.
Пред самитот, Путин рече дека Русија ќе ѝ стави крај на војната доколку се согласи Киев да се откаже од НАТО- амбициите и да ги предаде четирите региони за кои Москва има претензии.
Но, Украина, како и нејзините сојузници, брзо ги отфрли тие предлози.Избегнувајќи некои од најтешките прашања, германскиот канцелар, Олаф Шолц, го спореди самитот со „растение на кое му треба наводнување, хранење и деликатна грижа“, што подоцна ќе даде резултати.
Шолц, меѓутоа, се залагаше и за вклучување на Русија во мировниот процес за Украина.– Вистината е дека не може да се постигне мир во Украина без учество на Русија – рече Шолц и ја повика Русија целосно да се повлече од делумно окупираната Украина.