Ситуацијата во Германија се менува, многу наши печалбари за пет години ќе си дојдат дома, вели најпознатиот гастербајтер Дино Клепо

32813

Ситуацијата многу се менува. Инфлацијата го направи своето, така што со релативно нормални плати многу малку останува за живот. Сепак, луѓето дојдоа поради пари, а не за животот овде.

Ова на заинтересираните за работа во Германија им го порачува Дино Клепо од Јабланица, Босна и Херцеговина, најпознатиот гастарбајтер од регионот, кој долги години живее во таа земја и 30 години работи во хуманитарната организација „Помош од човек на човек“, основана од неговата мајка.

– Кириите се перверзно високи. Платите помалку го следат растот на цените – вели тој за „Вечерњи лист БиХ“.

Клепо објаснува дека таму доста разговара со луѓе што живеат релативно добро, како наши така и домашни, Германци.

– Сите чувствуваат некоја криза во воздухот и бараат план Б. Некои сакаат да се вратат долу, некои да одат понатаму. Во Германија, константно се зборува за криза во економијата, индустријата. Поради зголемените цени на енергенсите, многу фирми пропаѓаат или се селат надвор од Германија. Потоа ова ѕвечкање со оружје со Русите. Заканите за напад од  Русите се тематизираат како реална опција – искрено вели Клепо за „Вечерњи лист БиХ“.

Тој додава дека многу се зборува и за тоа дека средната класа е принудена да посегнува по својата заштеда и да ја користи за да излезе на крај со скапотијата, што создава дополнителна нервоза.

– Разговарав со соседите и многу семејства едвај составуваат крај со крај. За чување на децата по училиште, се плаќа по 250 евра, а за две деца тоа се 500 евра. Каде се уште кириите, па излегувањето некаде, потоа одењето на одмор, што во Германија секогаш било реално? Се поскапи драстично – наведува Клепо.

На сево ова додава дека многу е влошена и безбедносната ситуација.

– Пред сè, во пораст е насилството меѓу младите. Нападите со ножеви енормно пораснаа. Секој ден читаме „избоден овој, избоден оној“, и тоа деца од 13 до 19 години – раскажува најпознатиот гастарбајтер во регионот.

Вели дека многу луѓе од Балканот зборуваат за враќање дома, а дава и свој суд за тоа како би можела да заврши оваа криза.

– Капиталистичкиот систем се базира на кризите како некој вид чистење, девалуација. Како и секоја криза, како и корона кризата, ќе помине и ова и би требало да дојде голем раст. Глобализацијата го најде својот крај. Германија е една од економиите базирани на извоз, и тоа им е јасно на сите што ја следат светската ситуација. Исто така, мислам дека Балканот, а тука ја истакнувам и БиХ, повторно ќе стане атрактивен, секако ако се успее барем малку да му се стави крај на национализмот. Многу се подготвени да го градат своето и да создадат нешто конкретно во својата родна грутка. Познавам многу луѓе кои планираат во следните пет години повторно да живеат во земјите на Балканот, кои ќе се вратат дома. Разговарам со луѓе од БиХ, Србија, Хрватска… Многу од нив имаат некој план за враќање откако ќе заработат уште некое евро овде и потоа овие простори повторно би можеле за заживеат, за што сите мора да се радуваме, бидејќи тоа се подрачја дадени од Бога за квалитетен живот – смета Клепо.

„Вечерњи лист БиХ“ го претставува Клепо како човек што живее во Германија со децении и кој има повеќе од 200.000 следачи на социјалните мрежи. Им помогнал на голем број луѓе, особено кога почнувале живот во Германија. Според „Вечерњи лист БиХ“, благодарение на поддршката што им ја дал, околу 30.000 луѓе нашле работа.