Ситно до избори: Сите ќе гласаат, а седум држави ќе одлучат дали во Белата куќа ќе влезе Харис или Трамп

101

На кандидатите за американски претседател, демократката Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп, им останува уште сосема малку време да се доискажат што им нудат на граѓаните, но и да се оцрнат еден со друг што е можно повеќе. Денот на изборите, 5 ноември, е многу блиску, тензиите во изборните штабови растат, а најголем дел од гласачите веќе знаат за кого ќе се определат.

Право на глас имаат повеќе од 240 милиони Американци, но не сечиј глас е одлучувачки. Искуствата покажуваат дека гласот на граѓаните во само седум, од вкупно 50, американски држави ќе го има последниот збор за тоа кој ќе влезе во Белата куќа.

Во огромното мнозинство сојузни држави, една партија, без разлика дали е републиканска или демократска, е традиционално доминантна, така што победникот е однапред познат. Па така, одлучувачки би требало да бидат гласовите во оние држави што ги менуваат преференциите од избори до избори. Такви се Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин.

Аризона на претходните избори гласаше за Бајден, но сегашните анкети покажуваат послаб резултат на Харис од неговиот. Една четвртина од населението се Латиноамериканци, а на 600 километри е границата со Мексико, па прашањето за имиграцијата е важно. Исто така и прашањето за абортусот, зашто таму е донесен закон со кој тој, во најголем број случаи, е забранет. Во Џорџија, пак, Бајден на претходните избори имаше многу тесно водство, а оваа победа стана позната по тоа што Трамп, убеден дека ја освоил државата, побара од државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, „да најде 11.780 гласа“. Сега, според анкетите, Трамп има тесно водство таму, но Харис ужива силна поддршка од афроамериканските гласачи, иако последниве неколку месеци се зголемува нивната поддршка на Трамп. И Мичиген е неизвесен, зашто во 2016 година гласаше за Трамп, а во 2020 за Бајден. Во оваа држава, процентот на арапски жители е најголем, па проблем за Харис може да биде поддршката што му ја даваат демократите на Израел. Во Невада е регистрирана многу мала разлика меѓу кандидатите на последните пет избори, а на последните два победија  демократите. Таму невработеноста е најголема, па понудите за економијата би можеле да пресудат, а анкетите покажуваат дека во тој дел, во предност е Харис.

Во Северна Каролина, дури 36 проценти од гласачите се неопределени, а анкетите покажуваат изедначеност меѓу кандидатите. Во оваа држава речиси секогаш победуваат републиканците и сега таа му е наклонета на Трамп. Но, демократите нема да ја предадат без борба, а доказ за тоа е што Камала Харис годинава ја посети најмалку 10 пати. До 2016 година, кога победи Трамп, Пенсилванија гласаше за демократите, а четири години подоцна ја освои Бајден, играјќи на картата на сентименталност – сопругата му е од Пенсилванија, а тој пораснал во еден тамошен град. Сега, двајцата претседателски кандидати ја сметаат Пенсилванија како клучна за својата победа. Иако некогаш тврдина на демократите, во 2026 година Висконсин гласаше за Трамп. Бајден ја врати, но со тесна разлика и оттогаш републиканците ја одредуваат таа држава како приоритет во својата кампања.

Инаку, американскиот претседател се избира индиректно, преку избирачкиот колеџ со 538 члена. Во него сојузните држави се застапени пропорционално, според бројот на жители. Калифорнија, како најнаселена американска држава, има најмногу гласачи (55), потоа следуваат Тексас (38), Њујорк и Флорида (по 29), додека ретко населените држави како Алјаска, Вермонт, Делавер, Вајоминг или Монтана имаат само по тројца избирачи. Со ваков изборен модел, кандидатот што ќе освои 270 гласа, станува претседател.