Реалноста е дека нема нови мајстори. Школите не профилираат ваков тип кадар. Оние што постојат на пазарот ја користат моменталната ситуација и поради тоа што нема мајстори на пазарот, се многу скапи. Побарувачката е многу поголема од понудата и во таков случај, тие ги диктираат цените. Надвор од секаква пазарна логика е да се бара 3.000 денари за менување чешма – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт

 

Пролетта обично е резервирана за реновирање и поправки во домот. Поради тоа, побарувачката за мајстори расте, но и нивните дневници, кои достигнуваат и до 3.000 денари. Граѓаните велат дека е тешко да се најде добар мајстор и оти оние што ги има на пазарот, се приучени и многу скапи. И на интернет-сајтовите има многу малку огласи за мајстори, на кои стои само дека се работи за мајстор со долгогодишно искуство, но никаде нема цена. Граѓаните коментираат дека се изненадени од високите цени, кои не соодветствуваат со квалитетот на услугата.

И експертите се согласуваат дека цените на мајсторските дневници се многу високи и оти мајсторите ја користат моменталната состојба, поради недостиг на пазарот, и ги вадат цените од ракав.

– Реалноста е дека нема нови мајстори. Школите не профилираат ваков тип кадар. Оние што постојат на пазарот ја користат моменталната ситуација и поради тоа што нема мајстори на пазарот, се многу скапи. Побарувачката е многу поголема од понудата и во таков случај, тие ги диктираат цените. Надвор од секаква пазарна логика е да се бара 3.000 денари за менување чешма – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт.

Оние мајстори што моментално ги има на пазарот се приучени и најчесто немаат соодветна школа. За да се надмине овој недостиг, Велковски смета дека мора да се мотивираат младите да изучуваат занаети.

– На младите треба да им се укаже дека занаетите се многу профитабилни и барани и оти може многу добро да се заработува со нив. Заврши девизата „учи, сине, за да не работиш“, сега важи нова девиза „работи за да заработиш и за да имаш“ – објаснува Велковски.

Според него, сите квалитетни мајстори од Македонија и од Србија заминале за Хрватска и за Германија, а кај нас останале само оние што се понеквалитетни и на кои ова им е дополнителна работа.

– Не е решение да увеземе неквалификувана работна сила од Непал, Индија, Пакистан… која, откако ќе ја обучиме, веднаш ќе избега од државава. Решението е да се врати почитувањето на струката и занаетот ако сакаме да имаме квалитетни мајстори – додава Велковски.

Граѓаните велат дека, поради високите цени, веќе не може да си ги дозволат услугите на мајсторите, па најчесто сами си ги поправаат работите дома. Велат дека, освен што тешко се наоѓаат и се скапи, не се квалитетни. Па така, најчесто поправените работи веднаш се расипуваат, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Познавачите на состојбите на пазарот велат дека многу мајстори работат нешто друго и не се школувани за тоа, но да заработат некој денар плус, ова им е дополнителна работа. Добрите и квалитетни мајстори најчесто имаат однапред договорени работи, па не се слободни и затоа се многу скапи.

Според статистиките, во Македонија има околу 10.000 регистрирани мајстори, од кои само 2.000 се електричари и водоводџии. Оваа бројка е далеку под оптималната за една земја со два милиона жители и со над 600.000 домаќинства.

(А.С.)