Сирените денеска се огласија низ централен Израел, а израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека една ракета била истрелана од Јемен, а околу 90 биле истрелани од Либан во правец на Израел.
Во Тел Авив и околните градови е активирано предупредување за воздушна закана, пишува „Тајмс од Изаел“.
Повеќето од нападите на либанската група Хезболах беа насочени кон северен Израел, но и неколку ракети со долг дострел беа истрелани во правец на Тел Авив и на Западниот Брег, се вели во соопштението.
Јеменското движење Хути денеска изрази жалење за смртта на водачот на либанската група Хезболах, Саид Хасан Насралах и соопшти дека ќе продолжи да ја поддржува групата.
Хезболах, сојузник на Хутите во сојузот поддржан од Иран, кој се спротивставува на Израел, претходно потврди дека лидерот на групата и еден од нејзините основачи, Саид Хасан Насралах, биле убиени во израелски воздушен напад.
Во соопштението, Хезболах вети дека „ќе ја продолжи светата војна против непријателот, како поддршка на Газа и Палестина и одбраната на Либан и неговиот силен и чесен народ“, пренесува Танјуг.