Со Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Сузана Јовчева, вокалистките на бендот, низ песна патувавме низ разни краишта на нашата држава, Македонија. И токму нивниот јубилеен концерт, на кој како гости настапија и врвни македонски музичари и пејачи, истовремено и нивни пријатели и соработници, како Влатко Стефановски, Наум Петрески и Борис Трајанов, уште еднаш покажаа дека се врвна музичка група чија успешна приказна со право трае и ќе трае…

 

„Се случи нешто божествено, нешто величествено. Се случи енергија која продре во секоја пора од македонштината“, „Ја слушав македонската душа“, „Музика на срцето“… Ова се само мал дел од коментарите по вчерашниот јубилеен концерт на групата „Синтезис“, еден од најзначајните амбасадори на македонската музика, која на сцената на Македонската филхармонија одбележа  30-години постоење.

Формирана во 1995 година, „Синтезис“ ја започна својата кариера со уникатна визија – да ја оживее и да ја презентира македонската традиционална музика на современ начин, и успеа во тоа.

Со Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Сузана Јовчева, вокалистките на бендот, низ песна патувавме низ разни краишта на нашата држава, Македонија.

И токму нивниот јубилеен концерт на кој како гости настапија и познати македонски музичари и пејачи, истовремено и нивни пријатели и соработници, како Влатко Стефановски, Наум Петрески и Борис Трајанов, уште еднаш покажаа дека се врвна музичка група чија успешна приказна со право трае и ќе трае.

Пред присутните „Синтезис“ изведе дел од најпознатите композиции, кои го обележаа нивниот пат низ годините. А публиката не ги штедеше дланките, аплаузот беше бурен и долготраен.

Со Наум Петрески ја отпеаја „Ој, девојче“, Борис Трајанов ја изведе „Божја невеста“, а на сцената настапи и Влатко Стефановски, со кој имаат соработка на повеќе проекти. На сцената се појави и Мирјана Јошевска, нивната некогашна пејачка…

Присутната публика во лобито на Македонската филхармонија, имаше можност да види и дел од костимите на членовите на „Синтезис“ од нивните бројни настапи, низ земјата и светот. Интересно е што на сцената и оваа вечер тие имаа уникатен изглед кој само ја надополни целата атмосфера.

Она, пак, што тие досега го имаат зад себе, се повеќе од 500 концерти одржани на сите континенти. „Синтезис“ низ годините се докажа како најзначаен извозен музички продукт од Македонија. Тие настапуваа во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали низ светот, каде што ја презентираа македонската музичка култура и традиција.

Инаку, нивниот прв албум, „ДД Синтезис“, беше објавен во 1996 и веднаш предизвика позитивни реакции кај публиката и кај критиката. Групата ја продолжи својата успешна приказна со албумите „Swinging Macedonia“(2000) и со други значајни изданија, кои го истакнаа нејзиниот автентичен звук.

Цели три децении, „Синтезис“ со посветеност и со страст ја чува и ја развива македонската музичка традиција. Овој јубилеен концерт е кулминација на нивното триесетгодишно патешествие и истовремено настан за кој македонската публика долго ќе зборува.