Италијанскиот тенисер Јаник Синер, на спектакуларен начин ја заврши најдобрата сезона во својата кариера, сезона во која освои две грен-слем титули, се искачи на првото место на АТП листата и првпат триумфираше на завршниот Мастерс во Торино.
Италијанскиот тенисер во финалето на Завршниот мастерс во Торино го победи Тејлор Фриц со 2:0 во сетови и така ја комплетираше одличната 2024 година во која му остана да го одигра само уште во Дејвис Купот.
„Мислам дека и наредната година ќе биде исто како оваа. Ќе бидам мирен, со мојот тим, сериозен, но и опуштен. Мора да има баланс, па ќе видиме што ќе се случи. Сè во животот е за првпат, без разлика дали е тоа грен-слем или нешто друго. Само треба да верувате во себе и да видите што функционира, а што не. Не знам како ќе бидам во Мелбурн и како ќе играм, но сигурен сум дека ќе се подготвам што е можно подобро, па ќе видиме“, изјави Синер
Синер во 2024 година освои вкупно осум титули од кои две на грен-слемовите. Убедливо го држи првото место и на светот и за класа играше подобро од останатите сезонава. Изгуби само од Алкараз, Медведев, Циципас, Рубљов и Оже-Алијасим на кого му го предаде мечот.
Синер заедно со Федерер и Ѓоковиќ стана единствениот тенисер кој во иста сезона триумфирал на Австралија Опен, САД Опен и Завршниот мастарс. Исто така Синер стана и првиот тенисер кој го освоил финалниот турнир роден по 2000 година, но и без загубен сет што не им успеа ниту на Ѓоковиќ и Федерер.
Последниот тенисер, кој го освоил трофејот без загубен сет, е легендарниот Чех Иван Лендл, а тоа го направи во 1986 година во њујоршкиот Медисон Сквер Гарден. За овој триумф Синер освои 1.500 поени и заработи максимални 4.881.100 американски долари.
Стана и првиот Италијанец со титула на Завршниот турнир. Ако некој се сомневаше од оваа сезона нема потреба, Јаник дефинитивно сега е тој што најтешко може да се победи. Првото место на АТП листата на Синер му е обезбедено најмалку до февруари.
Лани во истиов период тој се наоѓаше на четвртата позиција со без малку 5.000 бода помалку од лидерот Новак Ѓоковиќ, а сега е првопласиран со околу 4.000 бода повеќе од Зверев и 8.000 повеќе од Ѓоковиќ кој ќе ја заврши годината на седмото место. Со актуелната ситуација на АТП листата, Синер не само што си обезбеди прво место на крајот од годината, туку сега е јасно дека таму ќе остане дури и да не игра на Австралија Опен.
Во Мелбурн тој ќе го брани трофејот освоен на почетокот од оваа година што значи дека брани 2.000 бода, но и ако не настапи, нема никакви шанси второпласираниот Александер Зверев или некој подолу да го стигне. И Германецот брани 600 бода во Мелбурн, а разликата меѓу нив изнесува точно 3.915 бода.