epa11721616 Jannik Sinner of Italy in action during his Round Robin match against Daniil Medvedev of Russia at the ATP Finals in Turin, Italy, 14 November 2024. EPA-EFE/Alessandro Di Marco

Италијанскиот тенисер Јаник Синер има феноменална сезона зад себе – како резултатски така и според заработката. Тој ја заврши годината на првото место, со осум титули, а, патем, ја освои и најголемата награда во историјата на тенисот, на егзибицискиот турнир во Ријад, Саудиска Арабија.

Вклучувајќи го спектаклот во Ријад (6 милиони долари), како и завршниот турнир во Торино (4,8 милиони долари), каде што триумфираше без загубен сет, Синер „собра“ 10,8 милиони долари награден фонд за нешто помалку од еден месец.

Тоа му донесе заработка од турнирот од 16,9 милиони, втор најдобар резултат во историјата на тенисот, откако во 2015 година Ѓоковиќ заработи 21,1 милион. Новак, за волја на вистината, ги заработи тие пари само од АТП- титулите и од грен-слемовите, додека Синер освои добар дел оваа година, во споменатиот Ријад.

Топ-5 се заокружува со Енди Мареј во 2016 година (16,4 милиони), Рафаел Надал во 2019 година (16,4) и Новак Ѓоковиќ во 2018 и во 2023 година (16 милиони).

Што се однесува до Синер, покрај споменатите два турнира, неговата најголема заработка е од грен-слемовите, каде што освои титули, на САД опен и на Австралија опен, 3,6 и 2,1 милион долари.

За споредба, Карлос Алкараз, исто така двократен грен-слем шампион, годинава заработи 9,9 милиони долари. Вториот светски тенисер, Саша Зверев, доби 8,8 милиони, Тејлор Фриц 6,9, а Данил Медведев – 5,6 милиони долари.