Поради намалениот обем на работа од Синдикатот на автотакси превозниците на град Скопје уште пред една недела испратиле барања до Владата да им помогне со тоа што бараат да им се исплатат плати, но и половина од придонесите за месеците во кои не работеле. Тие не знаат дали за нив важат владините мерки што се однесуваат на занаетчиите
Состојбата со коронавирусот им ја десеткува работата на скопските таксисти. Оттаму велат дека обемот на работа им е намален за 90 проценти. Поради тоа, од Синдикатот на автотакси превозниците на град Скопје уште пред една недела испратиле барања до Владата да им помогне со тоа што бараат да им се исплатат плати, но и половина од придонесите за месеците во кои не работеле.
Како што изјави Ѓорѓи Мариновски, претседател на Синдикатот на автотакси превозниците на Град Скопје, добиле писмо од Владата, со објаснување дека нивните барања се препратени до Град Скопје, Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, но до сега немаат одговор од ниту една од институциите.
– Помош е одобрена за занаетчиите, но не е нагласена шифрата 4932 под која потпаѓа нашата дејност, поточно е за такси-служба. Сè уште не знаеме дали помошта ни следува и нам. А институциите топката ја префрлаат од еден на друг -истакна Мариновски.
Тој додава дека до 2005 година спаѓале во категоријата занаетчии, а потоа биле регистрирани дел како трговци поединци, а дел како друштва со ограничена одговорност, па се прашуваат дали за нив ќе важат мерките бидејќи трговец поединец потпаѓа под занаетчии.
Мариновски објасни дека нивните барања се однесуваат на такси-превозниците кои се легални и редовно ги плаќаат давачките во Заводот за вработување, а не за лиценцираните таксисти кои не ги плаќаат давачките.
– Ги има и такви кои, иако имаат лиценци, но не ги намируваат давачките. За нив не бараме ништо, барањата се однесуваат само на оние лиценцирани таксисти кои редовно ги плаќаат давачките – вели тој и додава дека ги почитуваат мерките на Владата и носат заштитни маски, користат заштитни ракавици, дезинфекциони средства и средства со кои ги дезинфицираат своите возила, но сами ги набавуваат.
Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на автотакси превозници на град Скопје исто така се жали дека во овој период немаат работа.
– Се вози по 12 часа на ден, а се заработува по 400 денари, колку дома да се однесе леб. Иако таксистите излегуваат, сè се сведува само на чекање на такси-станиците. Има и такви кои имаат одобренија да возат и за време на полицискиот час, доколку на некого итно му е потребно да оди на лекар или до аптека, тие можат да се избројат на прсти. Таквите случаи се ретки и затоа поголем дел од таксистите немаат такви одобренија. Чекаме да видиме што ќе се случи со сетот мерки на Владата да бидат убаво образложени од Управата за јавни приходи за да можеме да кажеме нешто – истакна Рајчановски.
Прашавме и во Град Скопје и оттаму ни одговорија дека до овој момент до нив не бил пристигнат допис со барања од такси здруженија или компании за финансиска помош.
– Сите мерки поврзани со економски параметри и помош до приватните компании, кои се погодени од вирусот ковид-19 (корона), се донесени од страна на Владата на РСМ и истите можете да ги видите на следниот линк: https://koronavirus.gov.mk/merki/ekonomski-merki – потенцираат градските власти.
Тие додаваат дека до овој момент нема донесено одлука за ваква помош.
– Обезбедивме серија на поволности кои се во наша надлежност, како што се: ја спуштаме комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари по квадрат за цела 2020 година, ја намалуваме фирмарината за стопанските субјекти од 7.000 на 4.000 денари за 2020, го откажуваме кредитот за изградбата на новиот Луна Парк и подигнуваме нов кредит на иста вредност за изградба и реконструкција на улици и друга инфраструктура (која ја работат домашните компании), комуналиите ќе можат да се плаќаат на 18 наместо на 12 месечни рати (ова се однесува за градби со комуналии чиј износ надминува 1 милион евра), како и им препорачуваме на Училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба – изјавија од Градот.
(А.П.)