Синвар имал сеф со милиони во кеш, јадел храна донирана за бегалците, а жена му носела чанта „биркин“ од 32.000 долари

1001

Под тлото на Газа бил изграден светол и удобен простор за живеење на 61-годишниот Синвар и на неговите чувари. Во него имало комплетно опремена кујна, за која претставниците на израелските одбранбени сили велат дека требало да им помогне на терористите да ја преживеат војната што ја десеткува Газа. Во бункерот имало и убави и чисти бањи, повеќе колонски води, хигиенски производи, оружје, муниција, експлозиви… Најдена е и торба со храна на која пишува „Агенција за палестинските бегалци на Обединетите нации“ (УНРВА). Наспроти подземното удопство на Синвар, Палестинците во Газа, во чие име се борел, гладуваат до тој степен што се среќни кога ќе обезбедат еден оброк дневно, а едно од три деца е акутно неисхрането

 

Храна донирана од Обединетите нации наменета за гладните Палестинци, милиони во готовина, повеќе колонски води и тоници, убаво опремени кујна и бањи со тушеви… се пронајдени во бункерот под Газа, во кој се криел водачот на Хамас, Јахја Синвар, кого го убија израелските војници, минатата недела во Рафа.

Како што јавуваат официјални лица од Израел, Синвар се подготвувал да се скрие од војната во својот таен бункер под Газа, па затоа тој бил така снабден.

Видео што го снимиле војници на израелската армија во февруари покажува како организаторот на нападот врз Израел на 7 октомври ги минувал деновите во Кан Јунис, местото каде што е и роден, во текот на првата половина од војната, пред да биде принуден да побегне во Рафа, каде што беше убиен.

На видеото се гледа светол и удобен простор под земја, за живеење на 61-годишниот Синвар и на неговите чувари. Таму имало комплетно опремена кујна, за која претставниците на израелските одбранбени сили велат дека требало да им помогне на терористите да ја преживеат војната што ја десеткува Газа. Војникот што ја води турата во подземниот тунел покажува торба со храна на која пишува „Агенција за палестинските бегалци на Обединетите нации“ (УНРВА). Хамас постојано беше обвинуван за кражба на оброци од меѓународната агенција, која доставува продукти за речиси два милиона бегалци во Газа, пишува „Њујорк пост“.

Покрај резервите со храна, израелските војници што влегле во бункерот пронашле и неколку бањи и тушеви, кои биле многу почисти и помодерни од другите бањи што ги имало во системот на тунели на Хамас.

Во делот за телохранителите, покрај вратите има шкафови со оружје, муниција и со експлозиви. Малата соба на Синвар, пак, е во задниот дел од бункерот. Во неа, до креветот е пронајден голем сеф, а војникот што го отвора вели дека во него има милиони од израелската валута шекели. Покрај креветот на Синвар се пронајдени неколку шишиња колонска вода, хигиенски средства и тоници.

– Овде живее на добар начин, со сите свои милиони, додека цивилите живеат во сиромаштија и гладуваат – коментира војникот на ИД на видеото.

Не е првпат Синвар и другите убиени лидери на Хамас да се обвинети за живеење во луксуз во Газа, на сметка на луѓето за кои се борат. Нивните имоти и куќи за одмор во Газа беа цел на критики кога беа документирани од израелската војска, минатата година.

Раскошниот живот на лидерите наспроти страдањата на луѓето од Газа го покажува и едно видео што наводно покажува како оди семејството на Синвар, еден ден пред ланскиот напад врз Израел на 7 октомври, низ тунелите за да се скрие. Според израелските власти, жената што се гледа на снимката како се движи низ тунелот и погледнува во камерата е неговата сопруга, Абу Замарани. Во рацете таа држи една од најскапите женски чанти на светот – „биркин“, вредна 32.000 долари.

Синвар се сокрил во бункерот во Кан Јунис, местото во Газа каде што е роден, во првата половина од војната додека ги водеше силите на Хамас како лидер на групата во Газа. Израелската армија го опколи домот на Синвар и го проби бункерот во февруари и тогаш  ја пропушти милитантната група, која бегаше на југ. Се верува дека потоа, до крајот на војната, Синвар се криел во Рафах, каде што избегаа стотици илјади палестински бегалци во текот на напредувањето на ИД кон југ.

И додека Синвар, и кога живеел под земја, уживал во најголемиот луксуз според условите во кои живеел, населението на Газа, во чие име се бореше, страда, без храна е, пари работа… Меѓународната организација на трудот соопшти дека од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас невработеноста во Газа пораснала за речиси 80 проценти, а стопанството е во речиси целосен колапс. Оние жители на Газа што сè уште работат, ангажирани се неформално во области што првенствено се насочени кон обезбедување на основните стоки и услуги. Производството е паднато за 85 проценти, па целокупното население на енклавата, кое брои 2,3 милиони, е турнато во сиромаштија. Во такви услови, Палестинците во Газа се целосно зависни од хуманитарната помош. Семејствата се среќни ако успеат да обезбедат еден оброк дневно, а едно од три деца е акутно неисхрането.