Нашиот светски познат пијанист Симон Трпчески, заедно со своите пријатели, македонски музичари, оперски солисти и балетските уметници, на кои на сцена им се придружи и неговата ќерка Лара, направија концерт за кој долго ќе се зборува, но и кој долго ќе се памети. Аплаузот и овациите на публиката, како и полната сала оваа вечер, беа доказ дека токму еден ваков Новогодишен концерт со македонски уметници е настан кој и во иднина ќе биде очекуван со нетрпение   

 

Новогодишен концерт по светски терк, настан на кој се славеше животот и музиката… Вака накратко можеме да ја опишеме празничната музичка магија која во петокот вечерта се случи во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Нашиот светски познат пијанист Симон Трпчески, заедно со своите пријатели, македонски музичари, оперски солисти и балетските уметници, на кои на сцена им се придружи и неговата ќерка Лара, направија концерт за кој долго ќе се зборува, но и кој долго ќе се памети.

Во просторот во кој, како што кажа и самиот Симон Трпчески, сме биле сведоци на многу успеси на Македонија и за Македонија, имавме можност да присуствуваме  на новогодишна приказна за која присутните искрено се надеваат дека ќе стане традиција.

„И да врне и да вее, Македонецот добар абер носи“, кажа маестро Трпчески, пред почетокот на концертот кој претставуваше вистински музички абер, новина за присутните љубители на класичната музика. Беа изведени и нумери „во поинакво руво“ кои прозвучеа и светски, но и наше домашно, обработени специјално за овој концерт од композиторот Панде Шахов.

Повеќе од двочасовната програма на овој музички настан, зад кој застана „Прагма продукција“, беше конципирана во три дела. Во првиот, присутните во салата имаа можност да ја слушнат свитата од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски во четирирачна изведба на пијано, за која на Трпчески на сцена му се придружи и пијанистот и професор Шкељзен Бафтијари, негов поранешен студент. На сцената имавме можност да го проследиме и настапот на дел од балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, балетските првенци Марија Кичевска и Бобан Ковачевски, како и балерините од нижото балетско училиште при МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Во рамките на вториот дел од програмата уживавме во познатите арии од Моцарт, Верди, Штраус, кои ги пееја двајца оперски солисти на НОБ, сопранот Гонца Богоромова-Краповска и баритонот Иван Наумовски. Се пееше и од трибините и меѓу публиката. Трпчески, пак, свиреше со своите колеги музичари Паскал Краповски на виолончело, Влатко Нушев на перкусии, Хидан Мамудов на кларинет, Александар Сомов од Софија на виолончело, Кире Наунов на кларинет, виолинистот Владимир Крстев и Александар Поп Христов на контрабас.

Публиката премиерно ја слушна и обработката на „Турскиот марш“ од Моцарт, спој со македонската народна песна „Сербез Донка“, во аранжман на Влатко Нушев.

Во третиот дел, пак, беа изведени композициите на Дин Мартин, Френк Синатра, Нет Кинг Кол, Мараја Кери и Мајкл Бубле.

На сцената настапи и Лара, ќерката на Симон Трпчески, која прво ја испеа песната „Baby It’s Cold Outside“, за потоа заедно со својот татко да ја испее и „I’ll Be Home For Christmas“. Трпчески пред присутните откри и дека таа е задолжена за музичката листа околу празниците, но и дека на синовите им ветил дека цел месец за празниците ќе биде дома.

На сцената им се придружи и Андријана Јаневска која свиреше на виолина, а го испеа и хитот на Мараја Кери „All I Want For Christmas Is You“. Беше изведен и  „Радецки марш“ на Јохан Штраус.

Аплаузот и овациите на публиката, меѓу која беа и премиерот на државата Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Силјановска-Давкова и поранешниот претседател Ѓорге Иванов…, како и полната сала оваа вечер, беа доказ дека токму еден ваков Новогодишен концерт со македонски уметници е настан кој и во иднина ќе биде очекуван со нетрпение.

„Горан Стефановски рекол дека ‘ние сме центар на светот’, но еве светот го донесеме кај нас. Посакувам да тргнеме конечно напред за Македонија“, додаде за крај Трпчески, посакувајќи среќни новогодишни и божикни празници. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ