Публиката со овации ја поздрави изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс, кој Трпчески и овој реномиран оркестар го изведоа под диригентската палка на уметничкиот и музички раководител, маестро Казуки Јамада од Јапонија
Македонскиот пијанист од светски глас, Симон Трпчески, завчеравечер, поточно на 4 август, настапи во Палатата на принцот во Монте Карло, каде што со блескав настап го заокружи своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло. Во рамките на ова гостување, тој одржа серија концерти во тековната сезона 2023/2024 година.
Овој пат, публиката со овации ја поздрави изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс, кој Трпчески и овој реномиран оркестар го изведоа под диригентската палка на уметничкиот и музички раководител, маестро Казуки Јамада од Јапонија.
Минатиот месец, оваа добитна концертна комбинација настапи во Колмар, Франција. Пребирливата публика беше наградена од својот миленик и со изведба на бис (квартет од Брамс, од албумот „Пријателство“).
Во рамките на резиденцијалниот престој што започна во октомври минатата година, кога настапи на сцената во салата „Рение Трети“ со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, со Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов, во јануари годинава Трпчески, заедно со своите пријатели Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев, го изведе проектот „Македонисимо“.
Следуваше целовечерен рецитал на кој Трпчески исполни програма со дела од Шопен, Моцарт, Чајковски/Плетњев, Бетовен и од Прокофјев.
Богатиот концертен распоред што изминатиов период го одведе нашиот пијанист на сцените во Соединетите Американски Држави, Швајцарија, Романија, Шкотска, Јужна Кореја и во Германија, продолжува во наредниве два месеца, во Холандија, Франција, Германија, Шведска, Романија и во Соединетите Американски Држави.
Наредниот концерт на нашиот светски познат пијанист е во Амстердам, Холандија, ќе се одржи на 19 август, во Концертгебоу, со почеток во 20:00 часот, со романскиот Камерен оркестар, а под диригентската палка на нам добропознатиот диригент Габриел Бебешелеа. Публиката во ова престижна сала ќе има можност да го слушне Концертот за пијано број 2 од Рахмањинов. Наредниот ден, на 20 август, Трпчески ќе одржи концерт и во Ла Кот Сент Андре во Франција, со украинскиот Младински симфониски оркестар.
Фото: КултурОп