Скопје на 20 декември ќе биде место каде што музичката магија и празничната еуфорија ќе бидат на највисоко ниво, а тоа ќе го овозможат македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчески, и неговите пријатели. Токму во арената „Борис Трајковски“, во соработка со „Прагма продукција“, ќе се одржи настан во кој светските класици ќе добијат едно поинакво новогодишно руво, ветувајќи незаборавна музичка ноќ. Трпчески, кој ќе се врати од светските сцени во својот роден град за првпат да реализира концерт со новогодишен предзнак, со поддршка на македонските музичари и балетски и оперски уметници, ќе ја реализира својата желбата, која, како што кажа самиот, со години тлее кај него.
„Иницијативата одамна тлее како желба за соработка, но и со визија за одредени концепти, но и потреба што се јавува во јавноста. Концертот го гледам како еден предизвик, бидејќи ова е прв мој концерт што целно е направен како новогодишен во Македонија. Без разлика на предизвиците и времињата, мислам дека ќе направиме нешто што ќе биде убаво за публиката. Практично, првиот дел ќе го започнеме со свитата од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски. Овој генијален композитор создаде една вонвременска композиција. Ќе изведеме избор на нумери од самиот балет на начин што многу ретко се случува. Станува збор за четирирачно изведување, во кое ќе ми се придружи мојот поранешен студент, но одличен пијанист, кој е активен и во образовната дејност, Шкељзен Бафтијари. Oваа изведба за време на нејзиното траење ќе биде поддржана од балетот при МОБ, на чело со Кире Павлов, кој многу се вложи во идејата со својата визија, со вклучувањето на нашите врвни балетски уметници Мaрија Кичевска и Бобан Ковачевски“, го откри првиот дел од концертот Трпчески на вчерашната прес-конференција.
Веднаш по паузата, според Трпчески, концертот ќе продолжи, исто така, во новогодишен дух, со настап на македонските музичари, кои ќе имаат можност да се претстават со одредени класици, со дела на Моцарт, Верди, Штраус… Меѓу музичарите се членови од ансамблот „Македонисимо“.
„Ќе бидат изведени делата на класиците што провејуваат низ Холивуд, одреден избор, пак, е од постарата генерација пејачи и легендарни имиња како Дин Мартин, Френк Синатра… до овие помладите – Мараја Кери и Мајкл Бубле, во нов аранжман, кој македонскиот композитор Панде Шахов го прави специјално за овој концерт. Ќе ги споменам и двајцата наши оперски пејачи, Гонца Богоромова-Краповски и Иван Наумоски, чии емоционалност и виртуозност ќе имаме можност да ги чуеме во заедничко камерно музицирање. Сета оваа изведба на класиците во новогодишно руво ќе му даде на концертот една поинаква димензија, со голема топлина. На крајот, ова ми беше и еден вид дамнешна желба“, додаде вчера Трпчески. Тој најави и една светска премиера, но додаде дека ќе има и други музички изненадувања.
Кристијан Стефановски од „Прагма продукција“, исто така, истакна дека се работи за концерт за кој долго се размислувало.
„Овој концерт одамна го планиравме, но не можевме да најдеме термин и поради презафатеноста и ангажманите на Симон. Отсекогаш имавме желба да работиме со еден ваков уметник, кој, за нас, ‘Прагма продукција’, е врвот и ми претставува огромна чест и задоволство. Му ја раскажав идејата уште на првиот состанок што го имавме и се разбравме за половина час. Му реков, сакам да направиме предновогодишен концерт за сите, и за оние што ја разбираат класичната музика и за оние што не ја разбираат. Мислам дека ќе бидете сведоци на нешто што не било презентирано досега кај нас и се надевам дека ова ќе прерасне во една традиција во декември“, рече Стефановски.
Зборувајќи за новата средба со македонската публика, Симон Трпчески вели дека секогаш кога настапува на сцените низ светот, дава сѐ од себе, но потенцира дека емоцијата е посилна кога се свири дома. (Д.Т.)