Најдоцна до крајот на март, Македонија ќе ги добие резултатите од минатогодишниот попис и, по речиси 20 години, ќе ја дознае бројноста на населението кое живее во државата. Одложување на објавувањето на официјалните податоци од пребројувањето, колку сме и кој сме, нема, вели првиот човек на Статистика, Апостол Симовски.
– Пописната обработка тече според предвидената динамика и ќе биде запазен најавениот краен рок за објавување на резултатите. Обработката на податоците од пописот тече согласно со утврдената Програма за обработка на податоците и Акцискиот план и роковите што ги имаме поставено, и апсолутно очекуваме до крајот на март да имаме конечни резултати – вели Симовски за весникот ВЕЧЕР.
Тој нагласи дека нема да даваат информации околу пописните резултати додека не заврши обработката на целокупниот пописен материјал, во интерес на точноста на податоците и избегнувањето шпекулации.
Пописот започна на 5 септември, а заврши на 30, при што во земјата се попишани вкупно 1 832 696 лица, 568 175 домаќинства и 837 255 станови.
Најголемата статистичка операција во земјава заврши во предвидениот рок откако од Државниот завод за статистика не побараа продолжување и покрај техничките проблеми со пописната апликација што се појавија на самиот почеток и го паузираа процесот, како и хакерските напади кои, според официјалните информации, беа успешно надминати.
Пописот 2021 се спроведе под здравствени протоколи и во услови на ковид-пандемија, согласно со нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде што со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што постојат за тоа лице во базите во државата.
Во однос на попишувањето на дијаспората, вкупно се самопопишаа 204 805 македонски државјани, и тоа најмногу од западноевропските земји, а многу помал број од прекуокеанските земји.
За време на пописот имаше поплаки од движењето „Аваја“ дека во неколку града бил вршен притисок врз Ромите и не биле попишани соодветно, по што ДЗС реагирал со смена на попишувачите, но остана отворено прашањето дали податоците претрпеле ревизија. Како дополнителен проблем при попишувањето беше забележано дека трети лица даваа податоци за отсутните, без да се бараат документи. На социјалните мрежи имаше низа критики за непопишување цели улици и маала откако апликациите за попишување во земјата беа затворени.
Како и да е, останува на крајот од март да ги добиеме конечните податоци, кои, по речиси 20 години, ќе дадат статистичка слика за населението во државава.
(И.С.)