Силјановска за следењето на Пендаровски: Страв, параноја и избори

87

Гордана Силјановска – Давкова, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, на Фејсбук се осврна на изјавата на претседателскиот кандидат на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, дека го следела тајна разузнавачка служба, блиска до опозицијата.

“Мнозина се прашуваат каква ќе биде изборната кампања. Со право, стравуваат од негативна и валкана кампања, во која противкандидатот/противкандидатката ќе се дискредитира по лична основа, со ad hominem напади, и ќе се претставува како непријател наместо како конкурент во претседателска трка.

Веќе реков дека тоа не е мој стил и дека ќе дадам максимален напор натпреварот со двајцата колеги-професори да биде таков каков што ни доликува и каков што од нас очекуваат граѓаните.

Со видео порака веќе изразив загриженост околу тврдењата на колегата, проф. Стево Пендаровски, дека е следен од странски служби, односно од лица кои се вработени во македонскиот безбедносен сектор, а со години соработувале со тие (непријателски) служби.

Покрај тоа, пратеникот Кирацовски, близок соработник на Пендаровски, обвинува дека постојат „служби на опозицијата“, заборавајќи кој е власт во оваа земја, и кој е одговорен за безбедноста не само на кандидатот Пендаровски, туку и на сите обични граѓани.

Но, во оваа прилика сакам да укажам и на неколку други работи:

Прво, ваквиот неформален почеток на кампањата навестува атмосфера на недоверба, ширење на (политичка) параноја, застрашување, па дури и тешки инсинуации не само за дел од вработените во нашите безбедносни служби, туку и за опозициските партии, и за мене како кандидат, како луѓе кои не само што се наводно антизападни, туку и кои се „балкански шпиони“.

Влезот во НАТО и во ЕУ се тема околу која постои национален консензус, и затоа е погубно ако во кампањата влеземе како ликови кои потсетуваат на филмовите од времето на Студената војна.

Присвојувањето на сѐ што е напредно и прозападно од страна на претставниците на власта, фактички, од сите останати прави анахрони „негативци“ и нѐ става во дефанзивна и инфериорна позиција.

Она што го сметам за несреќна изјава на Пендаровски, се надевам, дека ќе запре тука и дека нема да се пренесе во официјалниот дел од кампањата, освен ако некој има идеја претседателските избори да ги претстави во манихејска форма како битка на Доброто и Злото, Западот и Истокот, Вашингтон и Москва.

Граѓаните на Република Македонија избираат свој претседател, шеф на држава кој ќе ја претставува дома и во странство, и не е ничиј пион на шаховската табла. Како на мала земја ни се потребни сите можни пријатели и сојузници од меѓународната сцена, и тоа како за безбедносна, така и за политичка, економска, културна и друга соработка“, пишува таа.