Силна поддршка за перспективите на земјава на средбите на Заев во Минхен

39

На конференцијата за безбедност во Минхен премиерот Зоран Заев и владината делегација на билатералните средби добија силна поддршка и отворени преспективи за Република Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев, кој е придружен од вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров, претпладнето имаа средба со американскиот сенатор Џејмс Риш, кој воедно е и претседавач со Комитетот за надворешни работи во Сенатот на Соединетите Американски Држави.

-Сенаторот Риш на средбата на премиерот Заев и на членовите на делегацијата на нашата земја им ги пренесе честитките во негово име, во име на Комитетот за надворешни работи во Сенатот на Соединетите Американски Држави, и во име на американскиот народ за успешно завршениот процес за решавање на спорот со Грција, кој беше предуслов и историски исчекор за отворање на процесот на ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО, како стратешка аспирација на Република Северна Македонија, наведува прес-службата.

Заев на средбата ја истакна определбата на нашата земја за негување и зацврстување на стратешкото пријателство со САД, сега и наскоро како две рамноправни членки на НАТО.

-На средбата беше потврдено дека Република Северна Македонија останува посветена на својот постојан придонес за безбедноста во регионот како едно од клучните прашања за развојот на земјата и на сите земји членки на Западен Балкан, се наведува во соопштението.

ПНа Минхенската конференција за безбедност премиерот оствари средба и со Алан Данкан, министер за Европа во Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

На средбата, како што соопштува владината прес-служба, беше нагласено дека Велика Британија останува и понатаму искрен пријател и поддржувач на политиките на Република Северна Македонија, која беше потврдена и со посетата на премиерката Тереза Меј на нашата земја во клучен период на успешното затворање на преговорите со Грција и на преговорите за нашето членство во НАТО и ЕУ.

-Министерот Данкан изрази целосна поддршка во однос на процесот на ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО и изрази уверување дека неговата земја ќе го потпише пристапниот документ за нашата земја многу наскоро, стои во соопштението.

Премиерот Заев на маргините на активностите на Минхенската конференција за безбедност се сретна и со претставници на угледната меѓународна консултантска компанија „Ернст и Јанг,“ која повеќе години е присутна во нашата земја и која, како што наведува прес-службата, „новите позитивни промени во Република Северна Македонија ги гледа како потенцијал за соработки и за проширување на своето портфолио во земјата“.