Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, објави дека по шест години е ослободена од обвинение во случајот кој го отвори поранешното СЈО за лажно претставување на патни трошоци со цел екс-функционерката да прибави поголема материјална корист од Собранието.
Бонева беше обвинета во случајот „Друмарина“ дека поднесувала лажни фискални сметки, односно фискални сметки од други лица наместо нејзини и со нив наплаќала патни трошоци во периодот додека беше пратеничка.
„Ослободителна пресуда! После 6 години голгота, правдата победи! Вистината излезе на виделина! Со 21 сведок и 7.179 докази, се срушија како кула од карти лагите и клеветите дека божем нешто сум злоупотребила, исто како што се сруши со години повторуваната лага дека сум била рекордер во земање на патни трошоци. Наместо Oбвинителството да го докаже обвинението дека сум поднесувала лажни фискални сметки, јас докажав дека Oбвинителството како докази против мене имаше подметнато туѓи фискални сметки од други лица, прикажувајќи ги како да се мои. Го побив обвинението дека не сум патувала на седници од Струмица за Скопје и докажав дека патував додека бев пратеник во тој период, a Собранието ми исплатило патни трошоци согласно закон, исто како и на другите пратеници. Дополнително, преку фотографиите постирани на фејсбук и сведоците, докажав дека не само што сум патувала на седници, туку и дека скоро на секои 2 дена во тој период патував на свој трошок на средби со граѓани низ целата држава, иако за такви активности Собранието не исплаќаше патни трошоци. Се потврди дека прогонот на СЈО беше чиста политичка пресметка, a обвинението против мене целосно неосновано и политички мотивирано“, објави Бонева.