Министерството за финансии имаше состаноци со секоја банка поединечно. Денеска, на завршен состанок, треба банките да го одобрат или да го одбијат предлогот на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, каматната стапка за кредитите да биде пониска од 3,25 проценти, додека рокот останува и оти голем дел од банките кажале дека нема проблем за давање до три години грејс-период и до 15 години отплата.

–  Во однос на каматната стапка, секоја од нив имаше свои предлози. Ги замолив да се договорат и дадат конечен предлог што ќе биде понизок од 3,25 проценти – изјави Димитриеска- Кочоска.

Во врска со тоа колку точно ќе платат компаниите кон банките, таа повтори дека банките ќе го кажат тоа кога конечно ќе ги пласираат средствата.

– Да оставиме да се договорат, затоа што ви кажувам, имаше банки што предлагаа одреден ранг. Јас сега што и да кажам, е несериозно – изјави Димитриеска-Кочоска.

Секоја компанија, посочи министерката, ќе може да отиде кај банка каде што сака и ако ѝ биде одобрено, Развојната банка потоа ќе трансферира пари до таа одредена банка. Димитриеска-Кочоска, исто така, нагласи дека немале проблем со банките, односно дека проблем бил начинот на кој ќе се дефинира рокот и ништо повеќе од тоа.

Според неа, пресметките за висината на јавниот долг велат дека на крајот од 2024 година ќе биде 62,7 проценти од БДП, и тоа во многу голема мера зависи од тоа колку останатите институции, акционерски друштва итн. ќе повлечат од веќе договорените кредити.

– Ако не ги повлечат, може нема да биде ниту 62,7 проценти. Тоа е проекција на Министерството за финансии, под претпоставка дека реализацијата на кредитите ќе оди така како што е договорено – истакна Димитриеска- Кочоска.

Таа подвлече дека во Министерството за финансии работат на тоа колкави се обврските од сите институции.

– Секоја од институциите, по заклучок од Владата, треба да достави информација колкави се обврските. Таму каде што имаме неусогласености, ги враќаме повторно кај институциите да ги усогласат и да ги пријават обврските. Во меѓувреме, како министер за финансии, формирав неколку вонредни ревизии во одредени институции, кои треба да ни потврдат, како внатрешна ревизија, дека навистина обврските што ги пријавуваат се такви, затоа што не соодветствуваат со коментарите што ги даваат вработените таму. Значи, ревизорите ќе го констатираат тоа – изјави Димитриеска-Кочоска.

ИЗДВОЕНИ