Од утре повеќе нема замрзнати цени на прехранбените производи. Мерката која Владата ја донесе со цел да ја намали инфлацијата и да ја подобри куповната моќ на граѓаните траеше два месеца. Освен на овошјето и зеленчукот се одмрзнуваат цените и на белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните производи…Производителите се децидни дека голем дел од цените ќе останат исти, односно нема да се зголемуваат по одмрзнувањето. Од мелничко-пекарската индустрија велат дека цената на лебот и понатаму ќе биде 33 денари, а можно е да се намали во зависност од движењето на цените на струјата, нафтата, суровините….
-Цената на лебот се одмрзнува, но нема да има нова цена. Лебот кој сега се продава по 33 денари ќе продолжи да се продава по таа цена со тенденција за негово намалување. Цените нема да се зголемат бидејќи цените на струјата, нафтата, суровините се намалија за 50 отсто. За време на овие два месеци додека траеше мерката пекарскиот сектор пекарскиот сектор претрпе големи загуби кои изнесуваа околу 50 илјади евра за малите и над 300 илјади евра за големите пекари, изјави за весникот ВЕЧЕР Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија.
Според него, доколку продолжи падот на цената на нафтата, струјата и пченицата можно е да очекуваме и намалување на цената на лебот. Ова го потврди и Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори кој рече дека доколку слободниот пазар покаже дека треба да се намали може да оди и под 33 денар.
-Цените на лебот остануваат исти, бидејќи има намалување на цените на суровините. Ние не се согласувавме со мерката замрзнување на цените, бидејќи не е пазарна мерка. Доколку Владата сакаше да им помогне на граѓаните подобро ќе беше да се таргетираат тие социјални групи и лица со пониски примања и да оставеше слободниот пазар да ги регулира цените, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓиевски.
Според него, слободниот пазар е тој што ќе одреди каква ќе биде понатаму цената на лебот и ако тој покаже дека треба да се намали може да оди и под 33 денари.
Од Владата тврдат дека не се очекува големи осцилации и зголемување на цените на прехранбените производи по нивното одмрзнување и најавија дека ќе ја следат состојбата и ќе реагираат навреме со нови мерки ако има потреба.
Сепак, граѓаните не мислат дека се постигна некој ефект од замрзнатите цени, односно дека мерката ниту ја намали инфлацијата, ниту ја подобри нивната куповната моќ. Но, сепак се оптимисти дека нема да има понатамошно подрастично зголемување, како што тврдат надлежните.
Инаку од утре замрзнати цени нема да имаат белиот леб, млекото, брашното, шеќерот, месото, сирењето, урдата, тестенините, јајцата, оризот, како и дел од земјоделскиот производи, гравот, леќата, доматите, краставицата, пиперката, кромидот, како и дел од овошјето – бананите, лимонот, мандарините, портокалите.
(А.С.)