Посадени се сто садници јасен и платан на новата пешачка и велосипедска патека, која води до локалитетот „Била зора”. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски вели дека патеката не е официјално отворена, бидејќи во тек е садењето на садниците и поставувањето на клупи и корпи за отпадоци.
– Посадивме сто нови насади на дрвја, јасен и платан долж патеката што заедно со претходно насадените 320 насади на багрем придонесуваме, патеката во иднина да биде вистинско место за уживање и рекреација. Благодарност до екипите на ЈКП Комуналец и на ТППЕ кои учествуваа во реализацијата на оваа активност. Останува на нас да се грижиме овие нови насади да бидат вистински обележје на подобра еколошка свест на сите граѓани – вели Велковски.
Велосипедската и пешачка патека „Била Зора” е долга два километри и е изградена со околу 20 милиони денари преку Програмата за регионален развој на Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа и од буџетот на Општината.