Се уредуваат цветни површини во Делчево и Македонска Каменица

233

Со засадување цветни површини, се разубавуваат посточеките паркови во Делчево и Македонска Каменица. Во Делчево деновиве нов лик доби паркот пред споменикот на „Никола Јонков Вапцаров“. Екипи на ЈПКД „Брегалница“ со садење на над 1.600 цвеќиња во боите на македонското знаме и знамето на Општина Делчево го облагородија паркот, доуредувајки ја јавната површина пред Општина Делчево.

– Освен цветни аранжмани со знамето на државата и на Општината, посеана е и нова трева, а поставени се и нови креативни држачи за цвеќиња, претходно изработени од Јавното претпријатие.  Облагородувањето на просторот пред општинската зграда е финансиран од општина Делчево, а работите ги извршуваа работници од Секторот за паркови и зеленило при ЈПКД „Брегалница“, информираше Розета Цонева од Секторот за паркови и зеленило.

Таа додаде дека како дел од пролетното разубавување на Делчево, досега се посадени околу 4.000 пролетни цвеќиња од видовите петунии, бегонии, сардела, агератум и тагетис, од кои дел се произведени во сопствениот расадник на претпријатието.

Во Македонска Каменица, активностите за разубавување на парковите со нови цветни аранжмани се најизразени на јавните површини во централното градско подрачје. Акцијата за засадување на пролетни цвеќиња и нивна декорација е дел од редовната работа на екипи од ЈП „Камена Река, од каде информираа дека Секторот за паркови и зеленило во рамки на годишната програма за работа на претпријатието веќе има произведено 10.000 пролетни цвеќиња од различни видови цвеќиња.