Се трага по екс-директорот Васко Ковачевски осомничен за милионски криминал

„Бонбона“ бизнис во РЕК Битола им загорчи на 23 осомничени во полициската акција

1386

Голема полициска акција во која се приведени повеќемина за криминали во РЕК Битола и РЕК Осломеј, направени преку набавки на адитиви како замена за мазут во двата енергетски капацитети. Во акцијата во координација со Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, осомничени се 23 лица, меѓу нив и поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, кој според информациите од истрагата од пред два месеца се наоѓа во странска земја и се правеле обиди тој да се врати во Македонија и да се соочи со правдата. Поранешниот пратеник и член на ИО на СДСМ, според истрагата се товари за несовесно работење во службата. Според објавите на државната информативна агенција полицијата направила претреси на повеќе локации, во Велес, Неготино, Битола, Кичево и во Скопје, собрани се многу цврсти докази, меѓу нив и 130 илјади евра во кеш, пари чувани во сеф. Наместените тендери за адитиви според проценките на истражителите направиле штета на буџетот во висина од 6,5 милиони евра.  Во акцијата на МВР и Обвинителството приведени се три лица од Велес, 10 од Неготино, 9 од Битола, шест од Кичево и едно од Скопје, пренесува МИА. Меѓу нив, Данчо Стојановски од Велес, поранешен комерцијален директор и член на Управен одбор на АД ЕСМ, кој се смета за организатор на набавката на адитиви за РЕК Битола и неговата братучетка Маја Јорданова од Велес, која била носителка на договорот, анонимус во бизнисот со енергенси во кои се вртеле милионски износи. Меѓу приведените е и поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, како организатор на групата, поранешниот генерален директор на ЕСМ, Васко Стефанов, кој се товари дека помагал за да се злоупотреби постапката и поранешниот директор на РЕК Битола, Пеце Матевски. Според истрагата, осомничените од врвот на криминалната група се товарат за злоупотреба на постапка за јавен набавки и злосторничко здружување, а дел од нив и за сторено кривично дело перење пари.

На листата на осомничени од организираната група, за злоупотреба на службената должност е и поранешниот член на Управниот одбор на ЕСМ и директор на комерција, Ардијан Муча, кој според информациите на МИА, овозможил значителна имотна корист за друг преку неизвршување на својата службена должност. Истрагата предвидува да им го замрзне имотот на осомничените за перење пари, кои го стекнале во периодот на набавката, од 2022 година до денес.

Премиерот Христијан Мицковски изминатиот период го повикуваше обвинителството да ги истражува криминалите во РЕК, направени според него од функционери од поранешната власт. Повикувајќи се на информации што ги добил од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, Мицкоски за полициската акција изјави дека станува збор за добро  организирана група на високи претставници на РЕК Битола, како и за лица кои управуваат со други правни субјекти, кои се здружиле и за кои постои основано сомнение дека направиле криминал од 6,5, милиони евра.

„Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставиме на обвинителството и судовите. Мора да веруваме на пресумпцијата на невиност, но тоа што е најдено е навистина загрижувачки. Знам дека како Влада и јас лично често на јавноста бевме обвинувани дека многу малку сме преземале акции, и органите на прогонот не презеле доволно чекори за обезбедување на лица кои постојат сомневања дека сториле криминал. Но, ние баравме трпение бидејќи мора да има јасна процедура и докази, но и да соработуваат двата клучни столба – обвинителството и судството. Таму сè уште постојат структури коишто се повеќе лојални на претходната влада отколку на правдата, што е наш генерален проблем. Но, во последно време се повеќе се приближуваат да бидат лојални на правдата и се надевам дека така ќе продолжат и во иднина“, изјави премиерот.

Веднаш по изјавата на Мицковски, од ВМРО-ДПМНЕ потсетија што зборувале за криминалите во РЕК и ЕСМ. Го обвинија СДСМ дека заради милионските тендери цената на струјата се качила од 33 евра на 100 евра за мегават-час.

„Сето тоа го направија преку осакатување на системот, недоволна експлоатација на сопствен јаглен, скап увозен и неквалитетен јаглен, кој пак влијаеше на дефекти на постројките. Двата енергетски комбинати и ЕСМ и РЕК Битола беа користени од функционерите на поранешната власт како претпријатија за испумпување на милиони преку тендери додека народот плаќаше скапа струја. ВМРО-ДПМНЕ ја предупредуваше власта на СДС и ДУИ да не ја крадат државата, и дека одговорност за криминалот ќе има. Сите наши апели не вродија со плод, СДС и ДУИ ја ограбија државата, но затоа сега одговорност ќе има и секој ќе одговара за тоа што правел, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

А за скандалозните набавките на адитиви од Италија, во февруари годинава пишуваше Истражувачката репортерска агенција, според кои велешанката Маја Јорданова, која била вработена како службеничка во Пошта, била и управителка на фирмата „Браинкоде“, фирма која со неколку договори завртела 6,5 милиони евра во бизнисот со државната ЕСМ. Фирмата, според пишувањата немала ниту еден вработен, а претходно тргувала со канцелариски материјали. Поштенската службеничка Маја Јорданова била братучетка на сега осомничениот Данчо Стојановски од Велес, кој пак бил комерцијален директор и член на Управен одбор на АД ЕСМ од мај 2021 до јуни 2022 година. Стојановски претходно бил два мандата советник во општина Велес од СДСМ, а четири години бил и директор за Информатичка технологија во Пошта, токму во периодот кога таму се вработила неговата братучетка Јорданова, пишуваше ИРЛ. (П.А.)  

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ