Голем број спортисти, поради финансиски проблеми, не може да го остварат својот сон, но некои се обидуваат на суров начин да дојдат до дополнителен приход што би ги одвел на Олимпијада. Таква една приказна ни доаѓа од Нов Зеланд.

Имено, веслачот Роби Менсон од Нов Зеланд ќе се обиде да се избори за олимписка норма, и тоа преку Светското првенство што ќе се одржи во Белград, во септември. Некогаш еден од најдобрите веслачи во светот, по тригодишна пауза, му се врати на својот омилен спорт и сега има големи цели: да стигне до Париз. За да го направи тоа, тој отвори профил на сајтот „Onlyfans“ преку кој заработува со објавување експлицитни фотографии. Целта е јасна: пари за дополнителните трошоци на патот кон ЛОИ.

Веслачот од Нов Зеланд наплаќа 14,99 долари за пристап до неговата сметка и ќе ги потроши тие пари за подготовки и за сè друго што е потребно да обезбеди норма за Олимписките игри во Париз, следната година. Во тандем со младиот Бен Мејсон, има добри шанси да се избори за норма, што би било негово сензационално враќање во светот на спортот.

  • Мојата одлука да се приклучам на „OnlyFans“ не е крик за помош, тоа е креативен начин да се издржувам себеси. Без сомнение, контроверзната природа на страницата за возрасни донесе значителен публицитет на моето патување, и јас навистина го ценам тоа. Доколку можам да го одржам сегашниот број на претплатници, би можел да обезбедам постојан прилив на приход – истакна Менсон, кој во 2014 година откри дека е геј.

На крајот од мај, Роби отвори профил на социјална мрежа што поддржува креатори на содржини за возрасни, и досега има 30 објави. Во описот на својот профил тој истакна дека ќе има голотија и уметнички фотографии од неговото тело, но дека тоа нема да биде вулгарно и експлицитно. Во исто време, тој ги повика своите обожаватели да се претплатат на неговата сметка и на тој начин да му помогнат да обезбеди средства што ќе му помогнат да се бори за Олимпијадата во 2024 година.

Во текот на својата кариера, Менсон беше учесник на Олимписките игри во 2012 и во 2016 година, а потоа, за време на короната, се пензионираше и ги пропушти Олимписките игри во Токио. Сега одлучи да се врати на најголемата сцена и уште еднаш да се обиде да се бори против најдобрите во својот спорт. Еден од неговите лични рекорди веќе шест години е најдобар резултат во светот.