Се скратува процедурата за аплицирање за работни дозволи на странци во ЕУ

90

Европскиот совет ја одобри ревизијата на Директивата за единствена дозвола за работа и престој во ЕУ за државјаните на земји кои не се членки на Унијата, со која се утврдува административната процедура за добивање на документот и се одредени правата кои ги имаат работниците од трети држави.

Целта на измените е да се привлечат стручно оспособени и талентирани кадри кои и се потребни на ЕУ и воедно да се надминат некои од недостатоците во однос на легалната миграција во Унијата.

Со нив се скратува процедурата за аплицирање за дозволата и се зајакнуваат правата на работниците од странство.

Согласно ревидираната Директива, надлежните органи треба да ја издадат дозволата или да го одбијат барањето за нејзино издавање во рок од три месеци од поднесувањето на пополнетата апликација.

По исклучок, во случај на „сложени апликации“ овој краен рок може да биде продолжен за дополнителни 30 дена.

Новина во Директивата е што лицата кои ќе добијат единствена дозвола ќе можат да го сменат работодавачот, кој бил основа за нејзино издавање, но за тоа треба да ги известат властите.

На државите членки им се остава можност на национално ниво да регулираат минимален период во кој странскиот работник мора да работи кај работодавач кој бил гарант за издавање на дозволата.

Со ревизијата се воведуваат и правила доколку странските работници што поседуваат единствена дозвола за работа и престој во ЕУ останат без работа.

Ним им се дозволува да останат на територијата на земјата членка на која се наоѓаат најмногу три месеци во периодот на важност на дозволата или најмногу до шест месеци доколку документот е одобрен пред повеќе од две години.

Изменетата Директива ќе стапи во сила на 20-тиот ден по нејзиното објавување во Службениот весник на Европската Унија.

Земјите членки на ЕУ ќе имаат рок од две години да ги вметнат одредбите од Директивата во своите национални законодавства.