Во Пробиштип интензивно се работи на реконструкција на спомен паркот „Братство и единство“. Градоначалникот Драган Анастасов вели дека во моментов се прават потпорни ѕидови, како дел од фазата за изградба на амфитеатар и дел за детски реквизити.
–Градежните работи се одвиваат со добра динамика и се надевам дека овој проект ќе заврши во предвидениот рок. Со завршувањето на овој проект, спомен паркот, покрај збогатените содржини, ќе го добие достоинствениот лик, којшто го имаше во минатото, а секако го заслужува како меморијално место значајно за нашата општина, вели Анастасов.
Проектот се реализира со средства од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој. Инвестицијата чини 19,5 милиони денари, а обврска на општината е да плати ДДВ. Рокот на изградба е до февруари 2021 година.