Се проширува и модернизира стариот градски пазар во Ресен

102

Стариот градски пазар во Ресен ќе се прошири и модернизира. Кровната конструкција ќе се обнови, тезгите ќе се санираат и ќе се постави индустриски под.

Проектот го спроведува Министерство за локална самоуправа во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој.

– Овој проект е од особена важност за жителите на населените места кои гравитираат околу Ресен бидејќи продажбата на земјоделски производи претставува сериозен извор на приходи за нив – изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Тој додаде дека проектот треба да поттикне зголемување на трговијата, а воедно и на производството на земјоделски производи на регионално и национално ниво.

– Општина Ресен и Преспа ќе добијат модерен пазар што ќе ги задоволува потребите на жителите на оваа општина според сите норми и стандарди, а во исто време преспанските пазарџии ќе добијат подобри услови за продажба на своите производи. Реконструкцијата на пазарот е од големо регионално значење бидејќи на овој простор ќе се продаваат стоки од Пелагонискиот Регион, а исто така треба да се напомене и близината на соседните држави Грција и Албанија и важноста за развојот на трговијата – потенцира градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

Реконструкцијата на пазарот ќе чини над 3,5 милиони денари, а над 95 отсто од средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, а остатокот е од буџетот на Општина Ресен.

– По реконструкцијата на регионалните зелени пазари во Битола, Прилеп и Демир Хисар, годинава работиме на реконструкција на пазарот во Ресен. Инвестицијата опфаќа реконструкција и проширување на кровната конструкција и препокривање на делот со тезгите за продажба на овошје и зеленчук со челична конструкција, декоративно санирање на бетонски тезги, како и изведба на индустриски под -, изјави Гого Видимче, директор на Центар за развој на Пелагонискиот Планински Регион.