Компаниите на АД ЕСМ задолжени за производство и испорака на топлинска енергија за корисниците во Скопје ги прават последните подготовки за почеток на грејната сезона. Во подготовка е и цевководот на мостот „Беласица“, но тој ќе биде ставен во функција во некој од следните месеци.

На терен екипи работат на враќање на цевките на мостот од страната на „Ист Гејт“

– За цевководот кој поминува на мостот „Беласица“ се превземаат активности што е можно побрзо тој да се пушти и добивме уверување од страна на ЕСМ дека и со оваа инфраструктура што ја има, ќе немаме никакви проблеми со снабдувањето со топлинска енергија во градот Скопје – уверува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Преку цевките на мостот „Беласица“ треба да поминува топлинска енергија која се произведува во гасната централа ТЕ-ТО, а цената е три пати поевтина од онаа топлинска енергија што ја произведуваат државните топлани.

Во Скопје централното градско парно го користат околу 60 илјади домаќинства.