Ковид тестовите ги откажуваат осмомартовските аранжмани

1692

Осмомартовските тури за Истанбул, како една од најатрактивните дестинации, се откажуваат откако Турција објави дека за влез во земјата туристите ќе мора да прикажат негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа, а мерката ќе важи до 26 мај. Од туристичките агенции велат дека постојано им се јавуваат клиентки за да ги откажат аранжманите за Истанбул, за кој до пред неколку дена имало голем интерес за патување за 8 Март. Причина за откажување на аранжманите, како што велат, освен новите рестриктивни мерки на Турција се и зголемените бројки на заразени со ковид-19, кој ги зголемија стравот и неизвесноста кај клиентите.

Освен за Турција, од туристичките агенции велат дека имаат многу интересни понуди и за земјите од соседството Албанија, Косово, Србија и Црна Гора во кои моментално може да се патува без никакви ограничувања.

-Понудите за осмомартовските патувања се претежно за нашите соседни земји за Белград, Нови Сад, пакети за Пролом Бања, Копаоник, Будва, Драч-Албанија, Истанбул… Изненадува фактот што и покрај пандемијата има голем интерес за патувања од страна на припадничките на понежниот пол, особено за земјите каде не е потребен негативен ПЦР тест. Цените за понудите се различни и се движат од 55 евра по лице за понуда од 2 ноќевања и вклучен превоз за Будва, 79 евра за Истанбул, исто со 2 ноќевања и превоз, 89 евра за Белград…, вели за ВЕЧЕР Елизабета Кочева Јосифовска, менаџер за маркетинг и продажба во ЈК Травел.

Таа додава дека по последните рестрикции во Турција, клиентките почнале да ги откажуваат осомомартовските аранжмани за Истанбул.

-Рестрикциите кои секојдневно ги воведуваат земјите, влез со негативен ПЦР тест, полициски час, забрана за работење на угостителските објекти ја отежнуваат нашата работа, а клиентите постојано ги одлагаат аранжманите и ги разгледуваат опциите за понатамошни патувања. Така, на пример, пред два дена моравме да ја откажеме турата за 8 Март за Истанбул, бидејќи Турција забрани влез во земјата без ПЦР тест, вели Кочева Јосифовска.

И Ивона Јакимовска, раководител на сектор туристички агенции при Стопанската комора за туризам на Македонија вели дека и покрај пандемијата има голем интерес за патување и барања од граѓаните да се отворат и другите соседни земји без ПЦР тест.

-Се соочуваме со многу проблеми во туризмот преку СКТМ постојано изнаоѓаме решенија и се прилагодуваме на ситуацијата. Веруваме дека туристичката индустрија наскоро повторно ќе започне да работи. Пандемијата нанесе неизбришливи негативни последици и ќе требаат години да се повратиме од ударот кој го нанесе врз туристичките агенции и туристичките работници, хотели, превозници, водичи и сè што е поврзано со туризмот. По мое мислење резултатите ќе може да ги видиме дури по една година, изјави Јакимовска.

Од секторот ја поздравуваат одлуката која Владата ја донесе пред една недела за зголемување на капацитетот на автобусите од 50 на 75 отсто. Одлуката за ограничување на бројот на патници беше воведена поради ковид пандемијата.

(А.С.)