„СЕ ОТВОРИ ПАНДОРИНАТА КУТИЈА: Телефонскиот разговор на Шолц и Путин е стратешка грешка“, вели шефот на естонската дипломатија

1398

Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Кана, денеска изјави дека телефонскиот разговор на германскиот канцелар Олаф Шолц со рускиот претседател Владимир Путин претставува „стратешка грешка“ која, како што рече, го ослабува европското единство и позициите поврзани со војната во Украина.

Кана, во интервју за Ројтерс на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, рече дека се надева дека меѓународната критика за повикот на Шолц нема да влијае на ниту еден друг европски лидер да разговара со Путин.

Шефот на естонската дипломатија оцени дека телефонскиот повик на Шолц до рускиот претседател ги оштетил напорите на Западот да го изолира Путин.

Кана изјави дека Путин треба да биде во изолација додека, како што рече, не покаже подготвеност да учествува во преговорите и да ги повлече руските трупи од Украина.

– Но во моментов Путин го прави спротивното. Русија го изврши еден од своите најжестоки напади врз Украина во последните месеци по повикот на Шолц – рече Кана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, го критикуваше повикот на Шолц, велејќи дека тоа би можело да ја отвори „Пандорината кутија“ со повици што дополнително може да ги поткопа напорите за изолирање на Путин.

Шефот на литванската дипломатија, Габриелиус Ландсбергис, при доаѓањето на денешната средба во Брисел изјави дека Русија најверојатно ќе ја злоупотреби поканата на Шолц бидејќи, како што наведе, таа ќе се толкува како знак на слабост.

Во петокот, Шолц имаше едночасовен телефонски разговор со Путин, што беше негова прва директна комуникација со рускиот лидер по речиси две години.

Германскиот канцелар во неделата изјави дека неговиот телефонски разговор со Путин покажал дека рускиот лидер не се предомислил за војната во Украина.

Шолц пред новинарите на аеродромот во Берлин, пред да замине на самитот на Г20 во Бразил, изјави дека „вреди да се разговара со Путин“ за да се отфрлат сите илузии дека е можно Западот да престане да ја поддржува Украина.

ИЗДВОЕНИ