Се отвора скијачкиот центар „Михајлово“ кај Кавадарци

394

На првиот ден од новата година, во 11 часот, официјално ќе биде отворен ски-центарот „Михајлово“,  во срцето на планината Кожуф кај Кавадарци и на првата скијачка патека која ќе го носи името „Македонија“.

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, на Фејсбук напиша дека се прават последните подготовки пред отворањето на скијачкиот центар.

-Снежната покривка е совршена и ски-центарот е подготвен да ги пречека првите посетители. Покрај природниот снег, кој изминативе денови го покри Михајлово, се подготвува и дополнителен вештачки снег со топови. Ве очекуваме  заедно да ја доживееме магијата на зимата – повика Јанчев.

Тој информираше дека ЈП „Градски превоз“- Кавадарци ќе врши превоз на патници до ски-центарот почнувајќи од 1.1.2025 година.

Јанчев претходно кажа дека учениците бесплатно ќе скијаат во ски- центарот, а обезбедени се и скии што ќе можат, исто така бесплатно да ги користат. Воедно, сите наставници по физичко и здравствено образование ќе бидат вклучени во активностите, да ги доближат вештините на скијање до учениците.

Воедно, градоначалникот објасни дека патеката што зиме ќе се користи за скијање, во лето ќе може да служи за спуштање со велосипеди и други спортски и рекреативни активности и ќе биде осветлена.

Тој истакна дека содржините што ќе бидат наменети за сите генерации, ќе се дополнуваат и нема да бидат само комерцијални. Спортскиот центар „Јасмин” ќе стопанисува со скијачкиот комплекс, скијачката патека. Комерцијалните цени ќе ги утврдува Советот на Општината. 

Јанчев додаде дека местото што е оддалечено околу 35 километри од Кавадарци, има потенцијал и за понатамошен туристички развој со ресторанско и хотелско работење, индивидуални сместувачки капацитети.

Скијачкиот центар е со ски-патека, ски лифт и придружни елементи за сите возрасти. Целосната опрема ја изработи полска компанија. Теренските работи се донација на општествено одговорната фирма „ЈА МИ“ – Кавадарци.

Инвестицијата е донација од 231.660 евра од кои 115.000 евра се средства од Комерцијална банка, и 115.000 евра се средства донација од „Кожувчанка“ ДОО.

(А.П.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ