Се намалува бројот на новозаразени со коронавирусот во Кина

73

Кина денеска пријави 2.641 случаи на новозаразени со коронавирусот. Бројката е значително помала од претходните денови, откако се применува поинаков дијагностички метод.

Кинеската Национална здравствена комисија соопшти дека од новиот коронавирус починале 143 лица со што вкупниот број на жртви во Кина се искачи на 1.523. Вкупно инфицирани од новиот коронавирус се 66.492 лица.

Втор ден по ред бројот на инфицирани лица со новиот коронавирус бележи пад.

Од декември досега болеста се прошири во повеќе од 20 земји, а Египет вчера пријави прв регистриран случај во Африка.

Во 24 држави регистрирани се речиси 450 заболени лица од новиот коронавирус, од кои тројца починаа.

– Моменталната борба против новата епидемија со коронавирусот е голем тест за кинескиот систем и капацитети за управување, изјави вчера претседателот на Кина, Си Џинпинг.

Во Кина се воведени драстични мерки за запирање на епидемијата. Градови во провинцијата Хубеи, со повеќе од 60 милиони жители, ставени се во карантин.
Во меѓувреме, на сите граѓани кои се враќаат во Пекинг од празниците им е наложено да бидат во карантин – или во сопствениот дом или да се подложат на 14-дневно колективно набљудување.

– Тие кои ќе одбијат да останат во своите домови или не сакаат централизирана опсервација и други превентивни мерки и контрола ќе бидат санкционирани, се наведува во соопштението на работната група за превенција од вируси во Пекинг.