Во Министерството за финансии се работи и викендов за да се добијат точните бројки на државната каса. Сепак, како што веќе изјави министерката за финансии, Гордана Димитреска-Кочоска, просторот за маневар со буџетските расходи е сè помал.

– И овој викенд повторно работно во Министерството за финансии. Се работи на ребалансот на Буџетот. Секогаш во интерес на граѓаните на Македонија – напиша на „Фејсбук“ министерката за финансии. 

Со ребалансот се пренаменуваат средства од нереализирани и непродуктивни трошења за она што е попотребно и неопходно. Една од тие ставки е зголемувањето на пензиите од 2.500 денари од септември. Димитриеска-Кочоска истакна дека парите кои се потребни да се обезбедат во Буџетот за исплата на пензиите со најавеното зголемување не е притисок врз расходите.

Поголем притисок вели прават каматните плаќања. Според неа треба да се види што може да се направи на приходната страна на Буџетот, односно да се види колкав е делот на сивата економија.

Пари требаат и за капиталните проекти за општините. Според информациите, планирано е да бидат пренаменети 200 до 300 милиони евра.

– Претходната влада не ги реализирала ниту капиталните инвестиции според предвидената динамика – потенцираат од ресорот Финансии.

Она што загрижува е јавниот долг, кој од 61,2% е проектиран на раст од 3,4%, но според податоците со кои располага Финансии, ќе биде меѓу 2,1 и 2,5 проценти. Заклучно со мај, дупката во државната каса изнесува 333 милиони евра. Најголем дел од дефицитот е направен токму во изборниот период и изнесува 98 милиони евра.